Изминативе два дена во јавноста е актуелен видео клип кој го направил кумановец, а на кој може да се забележи облак со интересна форма, кој потсетува на летечките чинии од холивудските филмови.
Видеото за кратко време стана доста споделувано, но она што е интересно се коментарите кои ги остава добар дел од јавноста. Имено, под видеото најчесто можат да се прочитаат разни теории на заговор, во стилот дека се работи за непознат летечки објект кој што ја прскал земјата со корона вирус.
-Еве ја короната, гледајте како не прскаат – коментираат загрижени кумановци, а пак други додаваат дека од почеток знаеле како вирусот е вештачки создаден и неидентификувани летала го носеле ширум светот.
Коментарите и претпоставките одат во крајности, а за оние кои се фасцинираат од приказни за НЛО, и можеби поверувале дека летечка чинија дошла над Куманово, информацијата дека се работи за ретка, но природна појава, може да биде разочарувачка.
Имено, станува збор за облак кој по својата форма наликува на летечка чинија, а е наречен Алтокумулус лентикуларис, а името на под типот, лентикуларис, е изведено од придавката lenticular која што означува форма на леќа. Овој тип на облаци се појавува во близина или над планини во случај на стабилна атмосфера, а ветрот во понискиот слој на атмосферата го „присилува“ воздухот на вертикално движење нагоре по падината на планинската пречка. Во горниот слој на атмосферата, над планинските врвови, дува значително посилен ветер. Честопати овој тип на облаци е добар индикатор кој го користат пилотите, пред се на лесната и хеликоптерската авијација, за силни ветрови на висина. Иако ретко, сепак може да се забележи низ целиот свет.
Вики Клинчарова