Ленче Кукиќ за победата, но и за критиките: Обврска ми беше да го оправдам искуството!

by fokus

Ленче Кукиќ, пејачката која моментално е една од најпопуларните во регионов, откако пред три дена однесе дури две победи од регионалното музичко шоу ,,Никогаш не е доцна” кое се одржа во соседна Србија, за ,,Фокус” раскажува за впечатоците од целиот настан, но и за чувството по убедливата победа.

Таа е победник според гласовите од жири комисијата, но и според гласовите од социјалната мрежа Фејсбук. Вели дека во ниту еден момент додека траело шоуто не помислувала дека може да победи, туку мислите и биле насочени кон настапите и се трудела да се претстави во што е можно подобро светло.

-Чувството не можам да го опишам со зборови… Да се најдам на оваа грандиозна сцена, со искуството кое што го имам да пејам пред толкав аудиториум, пред ѕвезди кои нешто значат на просторите на поранешна Југославија… Не е мала работа, напротив, голема обврска ми беше да го оправдам моето досегашно искуство – раскажува струмичанката, која што заедно со сопругот Горан Кукиќ е дел од бендот Јупитер речиси три децении.

Додава дека е благодарна на сите кои ја поддржале, кои ја бодреле и верувале во неа.

-Мојот сон нема да престане тука. Ова ми е мотивација за уште поголеми достигнувања со убави песни, наградите кои ги добив се доказ дека треба да подарувам убави песни од моето грло кои ќе се најдат во сечиј дом. Досега, во сите емисии во четвртиот серијал на ,,Никогаш не е доцна” не помислив дека овие награди ќе ми припаднат мене. Моите мисли беа насочени во убавите песни кои ги отпеав и моите настапи. Е, сега, ова што се случи, тоа е вистинска радост! Би сакала секој да ја почувствува. Јас радоста ја споделив со Горан и со Иван, со нашите роднини и пријателите на кои сум им благодарна до бескрај – вели Кукиќ.

Набргу по победата, за која известија речиси сите регионални медиуми, на социјалните мрежи се појавија и првите критики, во кои дел од граѓаните реагираа дека шоуто треба да биде наменето само за аматери пејачи, кои прв пат застануваат на сцената, па дури и следуваа обвинувања дека Ленче како пејачка со долгогодишно искуство им ја скратила шансата за успех на оние, кои за првпат стапнале на сцената токму на ова шоу. Таа раскажува дека ги слушнала забелешките на дел од јавноста, но вели дека продукцијата на шоуто си има свои правила кои биле испочитувани.

-Прочитав дел од тие коментари. Ако е така, тогаш продукцијата сигурно ќе ги елиминираше таквите учесници, но факт е дека дури 90 проценти од натпреварувачите се занимаваат професионално со музика. Но, сепак, дружењето и пријателствата кои што се стекнаа таму се неописливи. А најмногу претставувањето на личноста пред пошироката јавност, и посебно гледаноста на емисијата од неколку милиони гледачи е незаменлива – ни изјави Ленче.

На шоуто во организација на ,,Гранд продукција” во минатото победник беше и Горан Кукиќ, сопругот на Ленче, како и деведесет годишната Добрила Ивановска – Чабриќ од Дојран.

Вики Клинчарова

Поврзани новости