Ленче и Горан Кукиќ ќе пеат на дочекот на плоштадот во Скопје: Ги чекаме љубителите на нашата песна на добра новогодишна забава!

by Fokus

На листата на музичари кои ќе настапат за време на новогодишниот дочек на плоштадот во Скопје, покрај Благица Павловска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Елена Ристеска, Ристо Самарџиев, Ферус и други, се наоѓаат и струмичаните Ленче и Горан Кукиќ.

За ,,Фокус” Ленче вели дека ги очекува љубителите на нивната песна да дојдат во голем број на плоштадот, и заедно да влезат во Новата 2023 година. Раскажува дека изминатата година ќе ја памтат само по убави моменти, како и многу професионални новости.

-Годината која ја оставаме зад нас ни донесе многу убави моменти. По долгата пауза поради ковидот, оваа година ни беше како нов почеток. Среќа за мене е што 2022 ни помина со добро здравје, вели Ленче, која во 2021 година заедно со сопругот Горан помина тежок период борејќи се со ковид вирусот, повеќе од две недели на кислородна поддршка во болницата Осми Септември во Скопје.

Потоа им следуваа месеци на заздравување и враќање на стариот колосек. За 2022 година вели дека и на двајцата им била работна, бидејќи ја снимила песната ,,Бисер”, прва нумера која ја промовираше по победата на регионалното музичко шоу ,,Никад није касно”, а во тек биле и повеќе музички проекти.

-Доста работна и бурна година имавме, а работата секогаш ни носи радост и среќа. Многу наши љубители не поканија да им ги развеселиме семејните забави, благодарни сме што не избраа нас да бидеме дел од нивните среќни моменти. Со таа енергија се надеваме да продолжиме и во 2023 година. Не чека промоција на два проекти кои се подготвени, промоција на нови песни за Гранд Продукција… Старите велат дека не треба многу да се планира, па така и ние немаме големи очекувања, туку едноставно да си останеме професионални во нашата работа. На сите луѓе им посакуваме наредната година да имаат добра мисла, добро здравје и да работат со љубов. Се друго само ќе си дојде – раскажа Ленче.

Вики Клинчарова

Поврзани новости