„Лекувал“ деветгодишно дете од црни магии и го силувал

Во Гостивар лажен оџа и негови соработници осомничени за полов напад врз дете.

by fokus

Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. Против истото лице, како и против двајца други осомничени соизвршители, поведена е постапка и за кривично дело „измама“.

– Првиот осомничен, 37-годишен жител на Кочани, во два наврати на 23 и 24 ноември во стан во Гостивар, извршил полово дејствие врз дете родено 2012 година. Мајката на детето го повикала осомничениот кој се претставил како оџа, да пее и да го „лекува“ детето од црни магии. Осомничениот побарал да остане сам со детето-жртва во собата и притоа ја принудил на други полови дејствија. Оштетената од страв во прв момент не кажала ништо на мајката. Кога на 5 декември мајката сакала по третпат да го повика осомничениот, девојчето вознемирено раскажало што му се случува, по што настанот бил пријавен во полиција, се вели во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Оттаму појаснуваат дека истиот осомничен, заедно со уште двајца соизвршители од Гостивар, измамиле и друга оштетена.

– Првопријавеното лице, во договор со другите двајца, на оштетената исто така и се претставило како оџа кој ќе и помогне да ги тргне магиите од нејзината куќа. Во повеќе наврати тројцата ја убедувале дека за да ги отстранат магиите треба да откопуваат различни предмети од гробишта и со тоа ги влечат магиите од неа и од нејзиниот дом. За услугата и наплатиле вкупно 98.000 денари. Кога почнале да се договараат за нова средба, оштетената се посомневала дека е измамена и ги пријавила, велат од ЈОРМ.

За првопријавениот Основното јавно обвинителство Гостивар до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, додека за останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.​​

Поврзани новости