Денешната посета на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпретседател на Еврокомисијата, Жосеп Борел на земјава е показател дека Европската Унија стои до агендата за проширување и го има Западен Балкан во фокусот, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Коментирајќи ја изјавата на Борел дека „не може да вети датум за почеток на преговорите на Северна Македонија“, Маричиќ рече дека клучот за решение е меѓу Скопје и Софија, а Брисел може само да помогне и да даде поддршка на тој процес. Според Маричиќ, многу поважно е да се дојде до решение за проблемот со Бугарија.
– Лекцијата дека никој не може да ни вети датум, сме ја научиле повеќепати во претходниот период. Тоа не е ништо ново. Клучот за решавање е на релација Скопје-Софија, а Брисел и државите членки на ЕУ можат само да помогнат и да дадат поддршка на тој процес. Токму затоа откако беше формирана новата Влада сме во интензивна комуникација со Бугарија и токму затоа во јавноста никогаш не сме кажале некаков датум и не сме се врзале за временски период, затоа што знаеме колку е тоа неблагодарно и затоа што знаеме дека изминатите две-три години тоа не ни помогна. Затоа мислам дека нашата посветеност на суштинскиот процес и на тоа како поскоро да дојдеме до решение е многу поважна отколку врзување со датум, а во наш интерес би било тоа да се случи што поскоро, истакна Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на донацијата од Јапонската амбасада.