Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема да биде дел од новата Влада. Таа потсети дека пред осум месеци се повлекла од партиската функција заменик-претседател на СДСМ оти не се согласувала со дел од политиките, кои според неа, придонеле за пораз на локалните избори и не очекува работите да се сменат.
– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска.
Потенцира дека во изминатите четири и пол години, таа, како и другите нејзини колеги, и служела на државата, и се оддолжила за голема доверба добиена од граѓаните, со членство во НАТО и најбрза воена интеграција од страна на која било кандидатка членка на Алијансата. И она што за неа било особено важно, апсолутно променета ситуација во нашата Армија.
– Тоа беше резултат затоа што работевме чесно, принципиелно и трудољубиво. Така треба да се работи и тогаш резултатите доаѓаат. Меѓутоа, ако не сме принципиелни кон себе, не можеме да бидеме принципиелни ни кон граѓаните, рече Шекеринска.