Лековите за хепатит Б да се стават на позитивна листа, бараат лекарите и пациентите

by Fokus

Пациентите со заболувања на црниот дроб и лекарите вчера повторно побараа на позитивната листа на лекови да се стават лекавите за лекување хепатитис Б. Лани биле дијагностицирани 86 пациенти со хетаптитис Б и Ц, од кои 43 се со хепатитис Б.

Лековите за лекување хепатитис Б и Ц сега Клиниката за инфективни болести и Клиниката за гастроентерохепатологија ги обезебедуваат преку условни буџети одредени од Фондот за здравствено осигурување. Овие условни буџети кои ги добиваат клиниките се целно наменети да се купи одреден лек и за одреден број пациенти.

„За жал, на позитивната листа нема лек за лекување на болни со хепатитис Б, а тоа е она што пациентите, а и ние лекарите бараме да се промени. Позитивната листа на лекови долго време не е ревидирана. Се надеваме дека ќе се остварат најавите за нејзино ажурирање и дека на неа ќе бидат ставени и овие терапии, особено затоа што се работи за лекови кои не се нови“, изјави д-р Калина Гривчева Старделова, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија за Фокус.

Таа објаснува дека од 2018 година Клиниката за гастроентерохепатологија  заедно со Клиниката за инфективни болести, обезбедија терапија и за болни од хепатитис Ц.

„Во однос на лекувањето на хепатитис Ц имаме достапна антивирусна терапија со која за три месеци може да се постигне комплетно излекување и Клиниката за гастроентерологија има обезбеден буџет, односно обезбедена терапија за лекување на вкупно 63 пациенти со хепатитис Ц“, вели д-р Гривчева Старделова.

Таа објасни дека пред три години потпишале декларација заедно со Министерство за здравство, Здружение на пациенти и Инфективна клиника и Градската општа болница „8ми септември“ за рано детектирање, превентирање и навремено лекување на карцином на црн дроб.

„Добивање на терапија за Хепатит Ц значи спречување на можноста за добивање карцином на црн дроб“, рече д-р Гривчева Старделова.

Вчера беше одебележан Светскиот ден за борбата против вирусен хепатитис со цел да се потенцира потребата и важноста од навремено тестирање и лекување на вирусните хепатити, кои се главен ризик фактор за појава на карционом на црниот дроб. Клиниката за гастренентерохепатологија и Клиниката за инфективни болести заедно со Министерството за здравство почнаа акција за рано откривање на ова вирусно заболување, што е многу важно за негово успешно лекување.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој вчера присуствуваше на настанот за одблежување на Светскиот ден за борба против вирусниот хепатитис рече дека е формирана комисијата која треба да одлучува за ревидирање на позитивната листа на лекови, а сега треба уште да назначат претседател на таа комисија и да се направат потребните промени. .

„Секоја година, заедно со здружението на пациенти ‘Хепар Центар Битола’, со кое имаме одлична соработка, го одбележуваме овој ден и промовираме бројни активности за остварување на заедничките цели кои ги зададовме со потпишување на Националната декларација за превенција, дијагностика и лекување на хепатоцелуларен карцином. Оваа година извршивме бесплатни превентивни прегледи на Клиниката за гастроентерохепатологија и планираме да се извршат превентивни прегледи во повеќе градови во државата во текот на следната недела. На Клиниката за гастроентерохепатологија веќе е во функција новиот Центар за болести на црниот дроб, опремен со најсовремени апарати за дијагностика и третман“, вели д-р Гривчева Старделова.

Таа ообјаснува дека бројот на регистрирани случаи лани е 86 заболени од хепатитис, но смета дека реално овие бројки зависат од бројот на направени тестови и дека веројатно вистинската бројка е далеку поголема.
Прегледите ќе се изведуваат во амбулантно возило од Ургентниот центар, опремено со брзи тестови за тестирање на хепатитот Б, Ц и ХИВ кои ги обезбеди Хепар Центар Битола. Покрај Скопје, акцијата ќе се одвива и во Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип.

„ Доктори од Клиниката за гастроентерохепатологија ќе вршат и еластографија, неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук, која се користи за мерење на лузни – оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања. Вака, оваа иницијатива овозможува да се стигне до поголем број луѓе и да се препознае заболувањето на хепатитот во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување и спречување на развој на други заболувања на црниот дроб“, вели д-р Гривчева Старделова.

Таа објаснува дека за пациентите кои се излекувале од хепатитис особено е важно дисциплинирано да се придржуваат до соодветен хигиено диететскиот режим.

„Тоа подразбира здрава исхрана, намалување на консумацијата на алкохол и постигнување на здрава телесна тежина. Пациентите кои имаат хипертензија или дијабетес треба да ги лекуваат и стават под контрола овие состојби. Се разбира и дека пациентите треба редовно да доаѓаат на контролен преглед на лабораториските параметри и со ултразвук“, вели д-р Гривчева Старделова.

Е.Б.

Поврзани новости