Лекот „Трикафта“ ќе оди кај првите осум критични пациенти со цистична фиброза

by Fokus

Доктор Стојка Фуштиќ, специјалист за цистична фиброза, денеска на прес конференцијата пред Министерството за здравство рече дека утрово пристигнал лекот „Трикафта“ на Универзитетската клиника за детски болести и веќе го примаат пациентите кои треба да ја започнат терапијата.

Фуштиќ рече дека на Клиниката се примаат 6 пациенти, додека двајца пациенти кои се водат во критична состојба ќе бидат лекувани на Универзитетската Клиника за пулмологија.

„Очекуваме да започнеме со терапија овие денови, кај некои од утре, очекуваме позитивен ефект од терапијата во однос на подобрување на нивната белодробна функција, подобрување на квалитетот на животот, на нутритивниот статус, намалена зачестеност на хоспитализација и секако поактивен живот на овие пациенти“, порача докторката.

Додаде дека се работи за 7 возрасни лица над 18 години и за едно дете. Пациентите ќе доаѓаат на Клиниката еднаш месечно за да ја земаат терапија, посочи таа.

„Тоа е таблетарна терапија. Примаат две таблети сабајле од комбиниран модулатор, и една таблета навечер од еден модулатор“, вели д-р Фуштиќ.

Министерот за здравство Фатмир Меџити посочи дека пациентите со цистична фиброза го добиле лекот „Трикафта“ и според него, решен е најгорливиот проблем на оваа категорија на граѓани.

„Пациентите се во фокусот на нашата работа, и во таа насока продолжуваме со нашите заложби. Во соработка со премиерот работиме на изнаоѓање решение за останатите засегнати со оваа дијагноза“, рече Меџити.

Поврзани новости