Мобилен тим на Царинската управа спречил шверц на 3.590 таблети Трамадол откриени во личен багаж на еден патник при контрола на автобус на граничен премин Табановце, соопштија денес од Царина.
Случајот е откриен на излез од државата, а автобусот сообраќал на редовна линија Македонија-Данска. Против патникот, инаку македонски државјанин, е поднесена соодветна пријава.
За лекот Трамадол, кој е од групата на силни опијати, минатата година во два наврати беа уапсени неколку лица, кои без документација го превезувале. Првиот случај беше регистриран во април, кога во патничко такси возило од Прилеп беа пронајдени ќеси со 4.000 капсули Трамадол, и тогаш две лица од Прилеп на возраст од 53 и 54 години беа лишени од слобода.
Вториот случај беше регистриран во јули, кога двајца прилепчани на возраст од 19 и 25 години во возило превезувале седумдесетитри пакувања и шест ленти кластери Трамадол.
И во годините наназад, неретко се случуваше да бидат поднесени кривични пријави против лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и пуштање во промет на штетни средства за лечење“, и да бидат одземени капсули Трамадол.
Такви настани во повеќе наврати имаше во Прилеп, кога во 2019 година беа одземени 9.000 капсули, но и во 2018 година во Куманово, кога двајца кумановци набавиле и продавале Трамадол без рецепта. Стануваше збор за 57.000 кутии од опијатот, со износ од 2.920.942 денари, а против лицата беа поднесени кривични пријави.
Инаку, Трамадолот е лек кој спаѓа во групата на аналгетици опијати, главен елемент кој го содржи е морфиум. Во медицината се користи како лек кој спречува/ублажува болки. Лекот во земјава се почесто се злоупотребува, и тоа најчесто од зависници од хероин, но и од млади лица кои решиле да експериментираат, првин најчесто од љубопитност, несвесни дека за краток рок создава огромна зависност.
За негативните последици од овој опијат недамна беше објавено и сведоштво на лице кое било на лекување во центар за лекување и рехабилитација од дрога во земјава, со цел да се подгине свеста на младите и да не посегнат по Трамадолот кој е достапен на црниот пазар.
Како што раскажуваше лицето, за прв пат почнал да пие Трамадол на свои 16 години, и тоа по три до пет капсули дневно. Отпрвин се чувствувал одлично, но набргу забележал дека по секое прескокнување на доза добивал болки во грбот, му се гадело, чувствувал неудобност, а болките само се зголемувале.
По седум месеци од првата таблета Трамадол, завршил со по 15 трамадоли дневно, а започнал да зема и други седативи. Деновите му минувале во лежење, несвесно, прекинал школување, ослабнал 20 килограми, и не можејќи да се оттргне од зависноста, на крај завршил во многу лоша состојба во ментална институција. Цели шест години од животот ги поминал како зависник од Трамадол, како во магла, раскажуваше лицето, кое подоцна било сместено во центарот за рехабилитација, кој се наоѓа во близина на Кавадарци.
Инаку, несакани ефекти од Трамадол може да бидат конфузија, халуцинација, делириум, анксиозност, емоционална нестабилност, анорексија, повраќање, болки во гради, мускули, коски и многу други.