Лекот „Ивермектин“ кој помага во лекувањето на ковид-19, од денеска треба да се најде во аптеките, откако претходно ги помина сите фази на одобрување во Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.
Најавата дека тој од денеска ќе се најде во аптеките, вчера ја даде директорот на Агенцијата, Љирим Шабани.
-Лекот е стигнат во земјава, се прават последни процедури за да се стави во промет и најверојатно од утре веќе ќе биде достапен. Цената на лекот ја одредува Министерството за здравство, но мислам дека ќе чини околу 300 денари, изјави вчера Шабани за државната агенција МИА.
Цената на лекот ќе изнесува 300 денари, а ќе се издава на рецепт од страна на матичните лекари и во болнички услови.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во претходните изјави за медиумите посочи дека тој се дава на три категории пациенти.
-Студиите укажуваат дека лекот се дава во три сценарија: кај ризични групи работници кои има ризик да заболат, втора група е кај луѓе кои биле во контакт со потврден заболен и нормално кај луѓе кои се заболени. Кај трите групи има различни индикации и дозирање, затоа е важно давањето да биде под контрола на лекар, рече Филипче.