Извршниот одбор на Лекарската комора и Комисијата за етички и правни прашања вчера на вонредна седница расправале за етичкиот аспект на однесувањето на докторите од инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид, кои не овозможиле здравствена заштита на пациентката од село Татеши Струга со симптоми на Ковид – 19, која побарала здравствени услуги.
Во денешното соопштение, Лекарската комора го осуди однесувањето на докторите од инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид, бидејќи, како што се наведува, во конкретниот случај тие постапиле несоодветно и несовесно со што го нарушиле угледот и достоинството на лекарската професија, како и моралните принципи, чесност и неопходна преданост кон вршење на медицинскиот повик и дисциплина во извршување на лекарската професија.
Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора согласно законските прописи и подзаконските акти, донесоа одлука со која се осудува постапката на докторите од Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид за неукажување на медицинска помош на пациент со симптоми на Ковид – 19 кој се обратил за медицинска помош и покренаа иницијатива за поведување на постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е независен и надлежен орган на Комората да расправа за одговорноста на докторите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија, се наведува во соопштението.