Лекарската комора на РСМ најстро го осудува вчерашниот инцидент во кој со тешки повреди се здоби д-р Ѓорѓи Јота, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, кој беше беше прегазен од возило на булеварот „Водњанска“ додека го напушташе работното место. Особено сме згрозени од фактот што сторителот без да пружи и повика помош го напуштил местото на настанот оставајќи го повредениот во тешка, животнозагрозувачка состојба. Ценејќи ја сериозноста на овој случај упатуваме јавно барање до судско-обвинителскиот систем навремено, сериозно и одговорно да пристапат кон решавање на овој случај, а сторителот да биде најостро санкциониран.
Искрено и силно се надеваме за позитивен исход од лекувањето на нашиот колега, кој е исклучителен професионалец и кој со години дава огромен и значаен придонес за развој на професијата, едукација на млади лекари и спасување на човечки животи.
Овој случај покажува дека не е потребно подигање на безбедносните стандарди само во здравствените установи, туку и во нивната непосредна околина, каде покрај здравствените работници се движат и лица кои поради здравствената состојба имаат потешкотии во движењето, како и инвалидизирани лица. Неопходно е да се создадат побезбедни услови за работа на здравствените професионалци и за лекување на пациентите.
Водејќи се од хуманиот аспект на здравствената професија, во оваа прилика би ја адресирале и потребата – надлежните институции да демонстрираат поголема подготвеност за санкционирање на ваквите инциденти, бидејќи лекарите не секогаш можат да го спасат животот на повредените, кои воопшто не би настрадале доколку сите се однесуваат одговорно. Лекарската комора, согласно своите надлежности, е подготвена за активно вклучување и давање придонес во сите процеси кои ќе значат унапредување на здравствената професија, здравствениот систем и третманот на пациентите.