Лекарската комора не може да и ја одземе лиценцата на директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска заразена со корона вирус, бидејќи во Законот за здравствена заштита не постои таква можност. Засега, единствено може да изрече јавна опомена за директорката, објаснуваат од таму.
Нејзината лиценца може да биде одземена единствено ако против нејзе се поведе кривична постапка, односно институциите утврдат дека таа сторила кривично дело.
Директорката на скопската Клиника за кожни болести ја пријавиле нејзините колеги уште минатиот понеделник.
Таа била на скијање во Италија, ама пред неколку денови присуствувала на симпозиум во Рагуза, каде што држела предавање на 100 луѓе. Како што објави Фокус, откако се вратила, настанале конфликти на клиниката меѓу неа и нејзините колеги, кои упорно барале таа да се пријави, но наместо тоа, директорката им се заканувала со откази, ако некој го стори тоа.
Во моментот, таа е на Клиниката за инфективни болести, а досега во земјава официјално се потврдени седум случаи на корона вирус.
И.М.