Лекарската комора ќе преземе мерки за анестезиологот кој на ТикТок објави видео од пациентки

by fokus

Лекарската комора најостро го осудува инцидентот кој се случи во болницата во Тетово во кој анестезиолог емитуваше видео од пациенти во живо на социјалната мрежа ТикТок.

-Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки, стои во соопштението на Лекарска комора.

Тие додаваат дека со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професијата ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.

-Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти, велат од Лекарската комора.

Поврзани новости