Од Лекарската комора најостро ги осудија јавните вербални напади и навреди врз лекарите и лекарската професија, како и неоснованите обвинувања за сторена лекарска грешка, истакнувајќи дека атмоферата која се креира во јавноста покажува дека е потребно итно носење на посебен закон за заштита на докторска дејност со кој ќе бидат регулирани правата и обврските на докторите.
„Докторите од болницата во Битола кои беа вклучени во лекувањето петгодишно девојче се изложени на огромен притисок иако инспекцискиот и стручниот надзор досега не утврдија пропусти во стручната работа.
Докторите од `Жан Митрев` беa изложени на навреди и вербални напади пред Кривичниот суд, што секако не е атмосфера во која се почитува правото на пресумција на невиност, како осново човеково право. Секојдневно во медиумите се истакнуваат имиња на доктори кои биле вклучени во лекување на пациенти наведувајќи на тоа дека сториле некаква лекарска грешка, без притоа да постои одлука на надлежна институција“ соопштуваат од Комората.
Оттаму ги осудуваат „сите овие настани кои предизвикуваат сериозно вознемирување, згрозување и нарушување на достоинството, угледот и интегритетот на професијата, што е крајно недозволиво во услови кога најрелеватните меѓународни организации истакнуваат дека здравствените работиници се најважниот чинител на здравствениот систем поради што треба да бидат заштитени и предупредуваат на глобален недостиг на овие профили на пазарот на трудот“.
„Атмосфера која постои кај нас создава јавно мислење дека сите лекари во земјава работат нестручно и несовесно, што целосно не е точно бидејќи најголем дел од нив својот професионален и приватен живот го посветиле на својата професија и одговорно, стручно и посветено секојдневно пружаат здравствена заштита и се грижат за здравјето на голем број пациенти во условите кои постојат во здравствениот систем. Загубата за живот на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине“ велат од Лекарската комора.
Лекарската комора исто така ги охрабрува институциите соодветно и ажурно да постапуваат во сите случаи кога ќе се утврди пропуст во лекувањето, но соодветна санкција да има и во случаите кога докторите неосновано се напаѓаат.