Белата куќа објави изјава од лекарот на американскиот претседател Доналд Трамп со која се потврдува дека претседателот и првата дама Меланија Трамп се позитивни на Ковид-19.
Во писмото со датум од 1 октомври, лекарот од Белата куќа Шон П. Конли вели дека добил потврда дека Претседателот и првата дама се позитивни на коронавирус.
Тој рече дека „и двајцата се добро во овој момент и планираат да останат дома во Белата куќа за време на нивното опоравување“.
Конли додаде дека очекува Трамп „да продолжи да ги извршува своите должности без нарушувања додека се опоравува“.
По објавата на Трамп на Твитер, во која соопшти за дијагнозата, се огласи и првата дама.
„Се чувствуваме добро и ги одложив сите претстојни ангажмани“, напиша Меланија Трамп. „Ве молиме, бидете сигурни дека сте безбедни и сите заедно ќе минеме низ ова“.
Американскиот претседател утрово објави на Твитер дека тој и сопругата Меланија се позитивни на Ковид-19. Како што наведе, двајцата одат веднаш во карантин.
Претходно соопшти дека неговата блиска соработничка, Хоуп Хикс (31) е позитивна на Ковид-19. Хикс е најблискиот соработник на Трамп кој е позитивен на Ковид, а според Би-Би-Си, таа патувала со авион со него на дебата со Џо Бајден во Охајо и била снимена како излегува од авионот без маска.
Таа исто така патуваше со Трамп со хеликоптер на митинг во Минесота.
Блумберг јави дека Хикс при враќањето од Минесота покажала први симптоми на болеста. Според Си Ен Ен дел од персоналот на Белата куќа знаела дека таа е дијагностицирана и во близок контакт со Трамп, но тој сеедно, вчера бил во Њу Џерси, каде во затворено прибирал донации за изборната кампања.
Желби за брзо опоравување преку Твитер искажаа голем број политичари и од Републиканската и од Демократската партија. Меѓу нив е и потпретседателот на САД Мајк Пенс, кој според американските медиуми, ќе мора да оди во изолација бидејќи бил во близок контакт со Трамп. Медиумите посочуваат дека Трамп имал голем број контакти во изминатите денови и оти може ќе биде тешко да се следат сите. Во изолација ќе треба да оди и голем дел од персоналот во Белата куќа, па се поставува прашањето како тоа ќе се одрази на понатамошната претседателска кампања. Си Ен Ен посочува дека ќе треба да се тестира и демократскиот кандидат Џо Бајден, кој беше во контакт со Трамп за време на првата предизборна претседателска дебата. Медиумите, исто така, посочуваат дека ниту Трамп, ниту неговото семејство, освен Меланија, на дебатата не носеле маски и не ја почитувале мерката за физичко дистанцирање.
Ен Би Си њуз потенцира дека досега биле заразени и други топ политичари, меѓу кои и британскиот премиер Борис Џонсон и бразилскиот претседател Жаир Болсонеро и оти заедничко за тројцата е што ја потценувале сериозноста на вирусот.
Во меѓувреме, по објавата за дијагнозата на Трамп, Фјучерс договорите паднаа за 400 поени.