Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“.
Обвинетата, како што соопшти Јавното обвинителство, како лекар-специјалист по општа медицина, била ангажирана со договор за повремени и привремени работи во Специјалистички завод Демир Капија – станбена единица во село Куршеница.
Таму во периодот од 1.10 до 5.10.2020 година укажувала лекарска помош заради покачена телесна температура и дијареа на едно оштетено дете, родено 2009 година, сместено во Заводот како лице со тешко нарушување на психо-физичкиот развој и церебрална парализа.
Спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 5.10.2020 година настапила смрт.