Двајцата лекари кои биле на конгрес во Мадрид, каде еден од предавачите бил заболен од корона вирус, немаат коронавирус, соопшти попладнево министерот Венко Филипче.
-Резултатите на двајцата лекари кои се вратиле од конгресот во Мадрид се негативни на корона вирус. Тие се вратиле во земјава во саботата навечер, а вчера Светската здравствена организација (СЗО) ги извести здравствените власти дека во текот на вчерашниот ден кај еден од предавачите на конгресот било утврдено дека е заболен од корона вирус. По тестирање на инфективната клиника, тие остануваат во домашна изолација во наредните 14 дена, напиша Филипче.
По последната информација дадена за медиумите денеска во 13:00 часот, на корона вирус тестирани се уште 2 лица, еден кинески и еден наш државјанин.
-Кинескиот државјанин денеска пристигнал на скопскиот аеродром, но иако немал симптоми, службите на аердоромот го изолирале и веднаш го контактирале Институтот за јавно здравје, бидејќи е патник кој доаѓа од Кина. Македонскиот државјанин е наш студент во Италија. И тестовите на овие две лица се негативни на корона вирус, соопшти Филипче.