Владата ја укина забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство и наскоро тие ќе може да се вратат, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
„Имаше една забрана од Владата од август 2022, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните. Пред три недели ја поминавме на Влада одлуката да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство подготвуваме правилник. Тоа нема да важи за сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба. Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме“, рече Таравари и најави дека за 10 дена ќе биде готов правилникот.