Мутираниот вид на омикрон сојот BA2, за кој вчера објавивме е откриен и кај пет луѓе во Македонија, откако претходно беше откриен во 57 земји, за што информираше Светската здравтвена организација.
„Кај 5 примерока со користење на специфична RT_PCR анализа со крива на топење е забележан сигнал од мутацијата што одговара на BA2, подваријантата на омикрон“, велат од Институтот за јавно здравје.
Дел од лекарите во изјава за „Фокус“ тврдат дека иако оваа нова подваријанта е се уште непозната, сепак се смета дека е за 50 отсто позаразна од омикрон.
„По некои пресметки е позаразна до 50 отсто и исто така е полесно пренослива. Од искуствата на другите земји не би требало да е со потешка клиничка слика“, истакна доктор Злате Мехмедовиќ од ковид центарот на интерните клиники.
Микробиологот Никола Пановски, пак тврди дека исти симптоми имаат и омикрон и неговата подваријанта.
„Се смета дека е за 30 посто позаразен. На пример, ако со омикрон еден може да зарази тројца, со новата подваријанта еден ќе зарази четворица. А, симптомите им се исти“, тврди професорот Пановски.
Мутираниот вид на омикрон, кој брзо се шири и мутира, стана доминантен во светот откако за првпат беше откриен во јужна Африка пред десет недели.
Светската здравствена организација во својот неделен епидемиолошки билтен објаснува дека оваа варијанта, која сочинува 93 отсто од сите примероци на корона вирус собрани во изминатиот месец, има неколку подваријанти: БА. 1, БА. 1.1, БА.2 и БА. 3.
„Секвенците означени како БА. 2 до денеска се внесени во GISAID од 57 земји“, посочува СЗО, додавајќи дека во некои земји оваа подваријанта сега опфаќа повеќе од половина од секвенците на омикрон.
Досега во земјата се направени вкупно 1.798.697 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 272.437, бројот на оздравени пациенти е 249.631, на починати е 8.470, а бројот на активни случаи изнесува 14.336.
Ирена МУЛАЧКА