На 16-ти март (вторник) во 20:30 часот д-р Јован Кузмановски и д-р Оливер Ристов ќе одржат онлајн предавање на тема превенција и заштита од Ковид-19, како и постковид компликации со кои се соочуваат пациентите.
Јавноста ќе може активно да учествува со вклучување преку онлајн платформата ZOOM директно преку линк кој ќе биде поставен на официјалната Фејсбук страница на клубот Rotaract Club Negotino, кој е организатор на настанот.
Милан Ангеловски од Неготино, кој е претседател на клубот, за ,,Фокус” појаснува дека посочената тема ги засега сите жители на општината, која изминатиот период е едно од најголемите жаришта на вирусот, според податоци од Институт за јавно здравје.
-Една од целите на Ротаракт Клуб Неготино е да им овозможи на младите подобрување и унапредување на знаењето и способностите во текот на професионалниот развој, соочување и решавање на проблемите на заедницата и поттикнување на подобри односи помеѓу луѓето низ целиот свет преку мрежата на пријателство и взаемно разбирање.
Затоа решивме еден од нашите проекти оваа година да биде организација на онлајн предавање на тема која не засега сите како граѓани на Општина Неготино – вели Ангеловски.
Според вчерашниот извештај од МЗ, во Неготино има дури 367 активни случаи на вирусот. Над 30 пациенти од градот се хоспитализирани на ковид одделот во кавадаречката болница, а голем е и бројот на лица кои се лекуваат на скопските клиники. Токму поради високите бројки и сериозноста на состојбата со вирусот во општината, предавањето на лекарите на темата и вклучувањето на јавноста во истото, е од голем јавен интерес.
Вики Клинчарова