Лекар од болницата во Тетово злоуптребувал податоци на пациенти за измама

by Fokus

Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднеле кривична пријава лекар од Клинички ценатр во Тетово за злоупотреба на службена положба и овластување, за злопотреба на лични податоци, фалсификување исправа и помагање во осигурителна измама.  За овој случај кривични пријави се поднесени за уште две лица.

„СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(51) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување исправа“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама““, соопшти МВР.

Од МВР велат дека првопријавениот, во својство на лекар и раководител на Одделението за Трауматологија – Хирургија во Клинички центар Тетово, без согласност и знаење ги искористил личните податоци на шест пациенти.

„Тој креирал медицински извештаи на име на лекари вработени во клиничкиот центар без одобрување и злоупотребувајќи ги нивните факсимили и системот Мој Термин, како и преку координирање и издавање на медицински извештаи со невистинита содржина“, соопшти МВР.

Полицијата за овој случај поднела кривична пријава и против А.Н.М.(41) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“, „поднесување лажни докази“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“.

„Кривична пријава е поднесена и против А.Љ.(29) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама““, соопшти МВР.

Од МВР појаснуваат дека лажните извештаи лекарот од Тетово во посредство на третопријавениот А.Љ. биле доставени до второпријавената А.Н.М., која во својство на адвокат противправно изготвила полномошна на пациентите на кои тие не се потпишале и заедно со друга документација ги доставила до осигурителна компанија, врз основа на што на име обештетување на нематеријална оштета биле исплатени парични средства на жиро сметките на лицата во износ од 297.000 денари.

„Средствата биле подигнати од третопријавениот, кој претходно успеал од нив да земе полномошно за подигање на паричните средства во филијала на банка во Тетово, без да им ја каже вистинската намера за изготвување на тие полномоштва“, соопшти МВР.

Поврзани новости