Јавното обвинителство ја интензивира истрагата за инцидентот во тетовска Мала Речица каде пред еден месец од пукотници со огнено оружје на свадба беа ранети две млади лица. Ова го тврдат од Обвинителството, но не сакаат да ја коментираат вчерашната изјава на Јусуф Биљали, татко на еден од ранетите. Како што дознава Алсат, Обвинителството побарало од МВР да се забрза постапката за вештачење на запленетите оружја од местото на настанот.
Неофицијално се дознава дека еден пиштол, но и ловечка пушка која му припаѓала на синот на пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, се земени на вештачење заедно со пиштолот на друг гостин во свадбата. Органите на прогонот се во потрага по чаурите кои не биле пронајдени на местото на настанот. Во меѓувреме, пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, денеска не одговори на барањата на Алсат да ја коментира вчерашната изјава на Биљали, кој токму него го обвини со име и презиме дека е сторител на трагичниот настан.
„…пратеникот удри со пиштолот на маса. Видов дека го погоди својот син и како лекар станав од масата за да му помогнам на неговиот син. Кога стигнав, бидејќи бев на три чекори далечина, кога стигнав до синот на Џеват Адеми, мојот син ми рече, тато ме отепаа…“, рече Јусуф Биљали – Родител на вториот ранет од пукањето со оружје на свадба.
Пред изјавата на Биљали, Џеват Адеми ги отфрли сите обвинувања кон него, негирајќи дека пукал.