Легнување на улица пред кола, снимање на вагон, игра на задушување – Тик-ток предизвици ги убиваат тинејџерите

by fokus

Нема се уште официјална потврда дека девојчето кое во саботата вечерта изгоре на вагон од струен удар во Илинден, се качило горе за да снима видео за на социјалната мрежа „Тик-Ток“.

Во близина на телото на четиринаесетгодишното девојче бил најден нејзиниот телефон, но нема официјална информација што правело девојчето на вагонот.

Според изјавите на очевидци девочјето снимало видео за на „Тик-Ток“, но од надлежните не ја потврдуваат информацијата, со оглед на тоа дека нивниот фокус на случајот е дали имало и немало кривично дело во инцидентот што се случи во Илинден.

Официјално девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони. Во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон.

ИМА ТАБЛИ ЗА ВИСОК НАПОН

Сличен ваков случај имаше лани во ноември кога седуманесетгодишна девојка се качила на вагони во Маџари за да снима видео за Тик-Ток. Од струјниот удар девојката имаше изгореници од трет степен на 30 проценти од телото, а случајот во Илинден заврши трагично.

-Секаде има поставено табли за висок напон, а на столбовите и шилци. Ние се грижиме за безбедноста, но не можеме никого да спречиме ако оди скришно или намерно да се слика без размислување за личната сигурност, вели за „Фокус“, директорот за електротехнички постројки, Боро Радевски.

Тик-Ток е мобилна апликација која им овозможува на корисниците да создаваат и да гледаат видеа 15 секунди, во кинеска сопственост. Видеата гледани на Тик-Ток имаат позадини фрагменти од музички парчиња, а протагонистите на видеата танцуваат или пеат.

На апликацијата се појавуваат видеа од цел свет, односно корисниците не бираат сами што ќе гледаат. Има видеа со играње, готвење, но има и опасни предизвици, а старосната граница за користење на оваа апликација е 13 години, иако ја користат и помали деца.

Освен предизвикот со качување на вагон за да се сними видео, има видеа и каде тинејџерите снимаат како возот им се приближува и предизвикот е кој повеќе ќе издржи да не се тргне.

Возачи од Скопје реагираа дека тинејџери легнуваат на улици и булевари и чекаат да им се приближи возило, а потоа бегаат, или буквално скокаат пред автомобил.

Пред две години десетгодишно девојче од Палермо, Италија се задуши со каиш од бањарка изведувајќи предизвик од „Тик-Ток“. Слични вакви случаи со задржување на здивот додека не се онесвестат завршија кобно и за други деца, а многу родители ја тужеа компанијата за убиство од небрежност.

ТИНЕЈЏЕР ОД БОСНА СЕ САМОУБИ

Претседателот на друштвото на социјалните работници на Албанија, Миргит Вата вчера побара да се забрани оваа апликација, бидејќи во земјата биле веќе регистрирани две самоубиства.

-Тик ток е штетна апликација, особено за тинејџерите, зашто преку неа се промовира јазикот на насилство и омраза. Во земјава регистрирани се две самоубиства, токму поради оваа апликација, затоа таа под итно треба да се затвори. Како друштво пред една година побаравме од Агенцијата за аудиовизуелни медиуми (АМА) да се затвори истата, но до денес немаме одговор, изјави тој гостувајќи во емисија на Euronews Albania.

Минатата година момче од Босна и Херцеговина се самоуби откако беше објавена негова снимка на Тик-Ток. На снимката детето бара работа на бензинска пумпа, но е понижен и исмеан. Неможејќи да ги поднесе коментарите на социјалните мрежи детето се самоуби.

Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми за „Фокус“ објаснува дека опасностите за децата на интернет и социјалните медиуми, вклучително и Тик-Ток се различни и зависат од возраста на која детето има пристап до оваа мрежа.

-Тие се движат од следење на несоодветни содржини кои се неприлагодени за возраста на личноста, преку злоупотреба на личноста, податоците, па дури и вклучување во опасни игри кои за жал можат да завршат некогаш и со фатални последици или смрт, вели Кордалов.

Според него, заштитата кај децата почнува со начинот на кој тоа ќе направат или не родителите, како ќе ги воведат во интернет просторот, колку ќе бидат достапни за нив на овие теми, но и колку ќе истражуваат со цел на своите деца да им претстават и воведат дигитални апликации кои ќе бидат од корист за нивниот развој.

ЗАШТИТАТА НА ДЕЦАТА ЗАВИСИ И ОД ОПШТЕСТВОТО

-Дополнително, од институциите и чинителите во образованието зависи колку ќе создадеме образование фокусирано на децата, односно учениците, а колку фокусирано на сѐ друго, освен на дигиталната воспитна компонента за децата, воведување на дигитална писменост од најмали нозе, како и развивање на критичко мислење и креативност која можат да ја изразат во онлајн светот, односно преку дигиталните платформи, додава тој.

Кордалов упатува и една моќна порака во која вели дека заштитата на децата во интернет просторот зависи дали ќе продолжиме да креираме вакво токсично општество каде промовираме омраза, се фокусираме само на моќ, пари и кој ќе остане, а кој дојде на власт…

Или, пак, ќе сфатиме дека во целиот овој хаос и лоша комуникација базирана на лични и партиски интереси ги заборавивме клучните прашања како што се децата, младите и создавањето на општество во кое сите ќе имаме права, можности и услови за достоен живот, порачува Кордалов.

Државава во иднина ќе размислува во делот на користењето на социјалните мрежи, не за ограничување, туку за регулирање што ќе овозможи нивна употреба за унапредување на општеството, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за тоа дали државата планира да ја блокира апликацијата Тик-Ток.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости