На вчерашната емисија „На кавга со Иван“, која се емитува на Канал 5 телевизија, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК, Миле Лефков кој посочи на потребата за поголема лична одговорност и ефикасност во процесите за избор и разрешување на јавни обвинители, истакнувајќи дека институциите, како Судскиот совет и ДКСК, треба да ги исполнуваат своите надлежности согласно законите и етичките стандарди. Лефков нагласи дека процесот на разрешување на Коцевски не го крши законот, бидејќи јавниот обвинител се избира по предлог на Владата. Тој истакна и дека Владата има право да ја следи работата на обвинителството, особено во борбата против корупцијата, и посочи дека постојат случаи кои не се доволно истражени, што ја намалува довербата во правосудниот систем.
Лефков нагласи дека во однос на информацијата дека судијката Алексовска Стојановска, како кадар на СДСМ, изнајмувала простор од својата куќа, кој потоа бил користен како партиски штаб на СДСМ во Ранковце, од страна на партијата никогаш не добиле одговор за тоа колку изнесува закупот на тој простор.
„Од СДСМ никогаш не одговорија за колку пари е закупен просторот, ниту пак одговорија, можеби е донација, затоа што имате посебни правила како се финансираат политичките партии“, додаде Лефков.
Лефков истакна дека ДКСК може да изрече парични казни, а Судскиот совет може да разреши и додаде дека Апелација ја разгледала одлуката и утврдила дека казната била блага, но премногу доцна.
„Го повикавме и Судскиот совет. ДКСК е државна комисија за спречување на корупција. Ајде да ги погледнеме надлежностите на ДКСК и на Судскиот совет. ДКСК може парично да ја казни, Судскиот совет може да ја разреши. На крајот испадна дека Апелација ја разгледала нејзината одлука и донела одлука дека тоа е неправедно блага казна, меѓутоа премногу доцна“, изјави Лефков.
Лефков истакна дека, наместо да се фокусираат на непристрасноста на судиите, Судскиот совет повеќе се грижи за заштита на своите позиции. Тој нагласи дека, иако јавноста ја изразува недовербата, тоа е нотирано само во извештај, кој би бил добар, но не и од тело што треба да се справува со тоа.
„Судскиот совет, наместо да се занимава со непристрасноста на судиите, видовме дека се занимаваат повеќе да ги заштитат своите позиции и свои функции. Она што го зборува цела јавност за недовербата, тие го нотирале во еден извештај, така што практично извештајот е одличен ако не бевте вие, она тело коешто треба да се занимава со тоа“, истакна Лефков.
Лефков нагласи дека нема повреда на законите при разрешувањето на Коцевски, бидејќи јавниот обвинител се избира по предлог на Владата. Тој истакна дека Владата има право да го следи работата на обвинителството и да оцени почитувањето на законите, а јавниот обвинител треба да се фокусира на борбата против корупцијата. Дополнително, спомена случаи како оние во онкологија, кои не се доволно истражени.
„Апсолутно нема повреда, затоа што вие треба да одговарате. Прашањето е едноставно: како се избира јавниот обвинител? По предлог на Владата и се гласа. Што значи дека Владата, како извршен орган, има право да следи колку вие ги почитувате вашата функција и се грижите за спроведување на законите, затоа што јавниот обвинител треба да се грижи, особено за високи профили на корупција, и според новиот кривичен законик има аспекти кои се однесуваат на превенција, за коишто гледаме дека потфрлаат кога станува збор за сите овие скандали. Да не споменуваме дека она што се случуваше на онкологија го имавме во извештаите на ДЗР, но никој не ги гледа, иако се доставени до судството и ден денес тешко е да се поведат постапки по нив“, потенцираше Лефков.
Лефков истакна дека не е сигурно дали интерпелацијата за Коцевски ќе оди на седница за гласање, бидејќи тоа сè уште е во процес на разгледување. Тој додаде дека, според европскиот кодекс за обвинители и судии, треба да се има лична одговорност, и можеби ќе се види одговорност која ќе доведе до крај на неговата кариера.
Во однос на Судскиот совет, спомена дека има постапка за интерпелација на членовите избрани од Собранието.
„Ќе видиме дали тоа ќе оди со интерпелација, затоа што е ставено да се разгледа обликот. Па сметаме дека треба да имаат и своја лична одговорност, затоа што и според Европскиот кодекс за обвинители и за судии. Можеби ќе видиме и една одговорност, и на тој начин ќе заврши оваа неславна кариера. Со Судскиот совет има постапка за интерпелација на членовите коишто се избрани од Собранието“, заклучи Лефков.