Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков денеска во Антикорупциската комисија поднесе претставка во врска со случајот „Броило“, во чии рамки во изминатите денови изнесуваше обвинувања за кумашинот на премиерот Димитар Ковачевски „Пиксел Груп“.
-Залудни им се сите обиди да го амнестираат премиерот, кога тој потоа излегува на емисија и признава дека во време додека бил заменик министер за финансии, исплаќана е државна помош на фирмата основана од него, а сега водена од неговиот кум, Пиксел груп – рече Лефков.
Тој додаде дека Ковачевски и неговиот кум Горанчо Паунов ја основаат Пиксел груп 5 месеци откако СДС формира влада во 2017 година.
-Од тука почнува аферата Броило и создавањето на соларниот картел кој до сега е влезен во бизниси од над 26 милиони евра. За само една година, Пиксел груп гради фабрика за изработка на фотоволтаични панели. Во истиот период КМГ ЕОЛ Квазар, сопственост на кумот на Ковачевски добива државни тендери во висина од 2 милиони евра, и тоа за поставување на соларни панели, кои ги прави Пиксел груп. Од тука почнуваат сомнежите за злосторничко здружување – рече Лефков.
Откако Ковачевски станува заменик министер за финансии, посочи тој, а КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН од над 2 милиони евра.
-Ковачевски станува премиер во јануари 2022 година. 4 месеци подоцна во Бугарија се отвора фирма од бугарски граѓани под името Солар Хорајзон. Во август 2022 бугарската фирма доаѓа во Македонија и заедно со Пиксел груп основана од Ковачевски почнуваат инвестиција во фабрика во ТИРЗ Тетово во вредност од 54 милиони евра – истакна Лефков.