„За купувањето на дуќанот на улица `Македонија` од страна на братот на Артан Груби, истиот е купен под реалната цена, а е доволна индиција за ЈО да не чека ниту ден и да отвори истрага. Според нашите информации, банката која му дала кредит на Ветон Груби, го проценила истиот на 200.000 евра, односно два пати повеќе од тоа што Груби платил“.
Ова на денешната прес-конференција го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој смета дека „проценката на банката е со најниската цена по метар квадратен, зошто така си ги штити своите пари, но дури и по таа проценка Груби го платил дуќанот два пати поевтино од најниската реална вредност“.
„Груби мора да одговори, како додека тој е вицепремиер, неговиот брат купува дуќан во центарот на Скопје по неколкупати пониска цена од реалната? Како братот на Груби плаќа 650 евра за квадратен метар деловен простор на улица „Македонија“? Цената за квадратен метар која Груби ја платил за дуќан во центарот на Скопје е помала не само од цените во Скопје, туку и од другите градови низ Македонија“ рече Лефков.
Пратеникот смета дека ЈО мора да реагира.
„Од авион се гледа дека братот на Груби платил цена многу пониска од реалната“ е неговиот став.