Ле Роа: Договорот од Преспа овозможи да станете членка на НАТО во 2019, а се надевам наскоро и на ЕУ

by fokus

Храбрите одлуки донесени од лидерите на земјата и Преспанскиот договор ѝ овозможија на Македонија да стане членка на НАТО во 2019, а се надевам и на ЕУ наскоро, вели во кус разговор за МИА францускиот амбасадор Ален Ле Роа, кој по покана од Фондацијата „Борис Трајковски” присуствуваше на панел-дискусијата по повод 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот што се одржа неделава во Скопје.

-Можам да кажам едно нешто – во 2001 година можеше да избие ужасна граѓанска војна, но благодарение на лидерите како Борис Трајковски, таква војна беше избегната. Загинаа помалку од 100 луѓе. Ако направите споредба со соседните земји, Македонија направи големо достигнување што успеа да ја надмине кризата со помалку од стотина загинати и благодарение на лидерите, меѓу кои и Борис Трајковски. Тој период не може да се спореди со состојбите денеска и задоволен сум што во земјата има лидери кои донесуваат храбри одлуки со кои ѝ се овозможува на Македонија, благодарение на Преспанскиот договор, да стане членка на НАТО во 2019, а се надеваме и на ЕУ наскоро, вели Ле Роа запрашан како ја оценува ситуацијата денес во земјата од перспектива на 2001-та.

Амбасадорот Ле Роа важи за посветен пријател на Северна Македонија. Ја претставуваше Европската Унија за време на еден од најкритичните периоди за нашата земја, доаѓајќи на местото на Франсоа Леотар во октомври 2001 година. Тој се смета за голем познавач на состојбите во регионот. На настаните организирани по повод годишнината од смртта на претседателот Трајковски, го претставуваше францускиот премиер Едуар Филип. Ле Роа е и член на Групата „Охрид“ формирана во 2018 година, чија цел е да ја помогне нашата интеграција во Алијансата. Лидер на оваа неформална група е поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, а ја сочинуваат влијателни личности кои во минатото биле на важни функции во меѓународните организации или на високи позиции во државните служби на големите светски играчи во дипломатијата.

Последен пат беше во Македонија пред четири месеци, пред референдумот.

Поврзани новости