Разговараше: Вики Клинчарова
Не напразно е кажано дека луѓето кои со љубов и страст ја работат професијата која што ја избрале за свој животен повик се најчесто едни од најуспешните, но и најсреќните. За тоа дека кога најголемата пасија ти станува професија, успехот е неминовен, доказ е Др. Радомир Петрушијевиќ, ДВМ, кој успешно ја гради својата приказна со Ремедиум Вет, ветеринарната амбуланта, за која што сопствениците на миленичиња знаат да кажат дека ја посетуваат со радост.
Неговата љубов кон животните, трпение и желба од се срце да им помогне, биле доволни и миленичињата да ги почувствуваат тие искрени емоции, па наместо страв, тие дури и се радувале на посетата на амбулантата, весело мавтајќи со опавчињата.
Др. Петрушијевиќ веќе девет години работи во Скопје, откако пред тоа поминал подолг период надвор од земјава, во Јапонија и Црна Гора, собирајќи нови искуства, кои потоа, по враќањето назад започнал да ги применува и кај нас.
За неговата амбуланта и позитивната атмосфера која владее таму, посетителите знаат да кажат дека е како сцена од некоја ТВ емисија на познатите канали за животни, каде на миленичињата им се приоѓа со љубов, трпение, но и сериозност, со цел да се вратат дома здрави и весели.
Во интервју за ,,Фокус” Др. Петрушијевиќ без двоумење вели дека неговата голема љубов кон животните уште како дете била пресудна да започне целата приказна со Ремедиум Вет. Раскажува за искуствата од Јапонија, но и Црна Гора, за тоа со какви ситуации се соочувал во амбулантата, каде доаѓале сопственици на кучиња, мачиња, па дури и на пајаци, појаснува за стерилизацијата на миленичиња, која станува се попопуларна кај нас изминативе години, за придобивките од вдомувањето на миленичиња од улица, наспроти купувањето на скап миленик, и даде корисни совети за оние кои за прв решиле да ги отворат срцата и вратите на својот дом за некое милениче.
Фокус: Колку време постои Ремедиум Вет, ветеринарната амбуланта и како започна целата приказна?
Др. Петрушијевиќ: Кога штотуку го завршив Факултетот за ветеринарна медицина, желбата за нешто ново и различно постоеше кај мене, па затоа отидов во Токио, каде од многуте средби со колеги од Јапонија, со менаџери од разни оддели во ветерината, средби со луѓе кои работат во прифатилишта за животни, исто така остварив и контакти со одгледувачи за Wagy говеда, познатите kobe beef говеда, дојдов до почетни информации за отпочнување на стартап во Македонија.
Од искуството на живеење во Македонија и начинот на работење на ветеринарите во Јапонија, со мојот брат кој подолго време живее во Токио, направивме стратегија и идеен план за отварање на ветеринарна амбуланта.
Од Јапонија го земав она што можев да го имплементирам кај мене прво, а после кај тимот на Ремедиум Вет, а тоа е упорноста, пожртвуваноста, создавање на работна навика 24/7, без брзање дека мора денес да биде се, потребно е време да се потроши и средства на права цел.
По враќање од Јапонија отидов на работа во Црна Гора, каде три години изолиран од влијанија на други навики на работа, работев, учев, споредував 24/7, тоа остана и сега услуга 24/7.
И од тука некаде почна проектот Ремедиум Вет, веќе 9 години. Беше напорно и е напорно, како составување на тим и обезбедување на средства за непречено функционирање на Ремедиум Вет. Сега и мојот драг колега Др. Самоил Голубовски полека, но сигурно влегува во ритамот и начинот на работа на Ремедиум Вет.
Исто така се менуваа локации на амбулантите на Ремедиум Вет, се менуваше тимот, се со цел собирање на искуства, информации, едноставно унапредување и учење на различните услови, начините на лекување на животните, за единствена цел : весели и добри миленици и нормално задоволни сопственици.
Исто така, од Јапонија научив уште една работа: кога не можеш нешто сам да направиш искористи ги услугите од колегите од други амбуланти, тоа е таа меѓусебна соработка која не прави сите уште подобри.
Фокус: Зошто се решивте ваш животен избор да биде ветерината?
Др. Петрушијевиќ: Кога веќе постои наука – ветеринарна медицина, и таа истата е за лекување и помош на најранливите и најискрените суштества на светот од една страна, а од друга страна мојата љубов кон животните, немаше место за избор што да биде мојата животна професија.
Фокус: Интересни случки од амбулантата, сигурно има многу приказни во кои се гледа големината на љубовта на животните кон нивните сопственици?
Др. Петрушијевиќ: Буквално секој ден е полн со такви случки, но сопствениците не ги, како да кажам препознаваат, бидејќи се навикнати на таа љубов од страна на милениците секојдневно.
После секоја хируршка интервенција на миленикот му е доволно само да го слушне гласот на сопственикот и веднаш се обидува да стане и да се упати према него, покажува радост, но сопствениците се секогаш побрзи во гушкањето и покажувањето на љубовта кон милениците.
Низ светот има многу случки како миленик направил се за својот газда, што е реалност. Сум го посетил споменикот на познатото куче Хачико, што е во Шибуја во Токио, каде секојдневно го посетуваат по милион луѓе. Тоа го разбираат само оние што даваат и добиваат љубов од миленик.
Исто така во областа Отаку во Токио го посетив и храмот за миленици, каде откако ќе починат се кремираат и пепелта им се чува во тој храм. Така да, заклучок на ова прашање би бил, милениците секојдневно нематеријално даваат љубов и радост на своите сопственици.
Фокус: Какви сопственици на миленичиња се генерално Македонците, се случило ли да се откажат од своето милениче откако ќе добијат лоша дијагноза или пак поради старост на животното? Често ли се случува да се вдоми милениче, па потоа да се остави на улица?
Др. Петрушијевиќ: Човек е човек секаде, кој има љубов да даде, тој ја дава, дали ќе вдоми миленик или ќе оди волонтерски да помага каде што е потребно. Тој кој се одлучил на таква благородна работа да подари љубов на животно било тоа да е куче, маче, гуштер, крава, коза… тој ја земал таа важна мисија за давање љубов и добрина.
Нормално е дека има тешкотии, доаѓање на нов член во семејството, снемување на услови за непречено одгледување, болести, во многу случаеви помагаме директно, во некои случаеви индиректно со поврзување на луѓе со препораки за прифатилишта каде што може да им се помогне повеќе.
Значи кој влегол во мисија за давање на добрина, љубов, тој оди по тој пат. За лоша дијагноза, кој искрено сака и дава љубов, нормално е да му биде тешко. Солзи, тага, но и благодарност до миленикот за возвратената добрина.
Некои сопственици од преголема болка наоѓаат утеха во нов миленик, некои не можат веќе да прифатат друг миленик.
Но, во секој случај во тој благороден круг е тешко и стресно. Најтежок момент е кога се напуштаат, се оставаат на улица или некаде многу далеку од местото на живеење без сфатлива причина.
Фокус: Кај нас вообичаено, кога се мисли на милениче, први на памет доаѓаат слики со мачиња и кучиња. Какви се животни сте лекувале, се чуваат ли често и други видови на животни, да речеме поневообичаени за нашето поднебје?
Др. Петрушијевиќ: Во моето дванаесет годишно работно искуство сум ги лекувал буквално сите животински врсти кои ги има во нашето поднебје. Во последно време луѓето се почесто чуваат и егзотични животни, како што се некои рептили, добро познатите гуштери игуната и камелеонот, знаат да донесат и по некој пајак.
Фокус: Во последно време кај нас се почесто за зборува, но и се апелира за стерилизација на миленикот. Колку е популарен овој зафат, болна ли е процедурата, има ли интерес кај нас?
Др. Петрушијевиќ: Кога сме кај стерилизацијата/кастрацијата, таа хируршка интервенција не можам да ја окарактеризирам како популарна или непопуларна, но се повеќе ја прифаќаат сопствениците откако ќе ја сфатат нејзината суштина.
Интервенцијата се извршува под општа анестезија, што значи дека животното додека трае интервенцијата не чувствува болка, а за постоперативниот период препишуваме соодветна терапија за намалување на болките кои траат два до три дена.
Цената зависи од врстата на животното дали е маче или куче, неговата тежина, но е прифатлива за наши стандарди.
Фокус: Миленик во домот е нешто кое носи љубов, но и одговорност за семејството. Совети за тие кои за прв пат сакаат да вдомат миленик?
Др. Петрушијевиќ: Преголема е радоста во семејството со доаѓањето на миленикот, но пропорционално е преголема одговорност. Најважното нешто е да се обезбедат основни услови за живот на новиот член во семејството.
Основното нешто е кој вид на животно ќе се вдоми, неговата големина која е директно поврзана со местото на живеење на сопствениците.
Како мали сите се мали и слатки, но што кога ќе пораснат? Потоа мора да се каже дека милениците претставуваат и трошок за семејствата: мора да се обезбедат редовни оброци, редовна вакцинација, заштита од паразити и контролни прегледи, посветеност…
Фокус: Големите љубители на животни се придржуваат до мотото – Вдоми, не купувај! Според нив,поблагодарно е да се вдоми, наместо да се купува милениче. Кои се искуствата со вдомени миленичиња без педигре кои сте ги сретнале во вашата амбуланта?
Др. Петрушијевиќ: Куче кое се родило на улица или од било кој други причини останало само, верувајте дека знае уште од првиот контакт даде и да прими љубов.
Веднаш ви се радува, од истиот момент ви е загарантиран пријател. Не дека тоа нема да го доживеете со купен миленик, но бездомните кучиња имаат нешто посебно – едноставно потребна им е многу љубов.
Фото: Владо Георгиев и приватна архива