Битолските либерал-демократи денеска повторно побараа оставка од градоначалникот Владимир Талески, кој веќе трет месец е во притвор, но и понатаму раководи со Општината. Од ЛДП бараат на 11 декември, заедно со предвремените параламентарни избори да се одржат и предвремени избори за градоначалник на Општина Битола.
– На почетокот на школската година, нема кој да распише тендер за превоз на ученици, општинската каса тешко се полни, расходите се на очајно ниско ниво, директорите на училиштата се со завршен мандат. Во битолскиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ се целосно свесни дека оваа ситуација, со потпишување на документи од дома, не е повеќе одржлива, но заглавени во сопствените игри не сакаат да ја прифатат реалноста – рече денеска советникот Валентин Груевски.
Од ЛДП веруваат дека предвремените избори ќе бидат излезот од кризата во која се наоѓа градот и како што велат, ќе се стави крај на дванаесет години назадување и тапкање во место.