„Согласно стратешките определби на државата и потребите на граѓаните, одлучивме на следните избори, Либерално-Демократската партија (ЛДП) да настапи како дел од коалиција која ќе се залага за брза интеграција на Македонија во Европската унија. За Македонија не постои друг пат, освен приклучување кон европското семејство. За доброто на државата и на граѓаните одлучивме да се приклучиме на коалицијата со која имаме исти определби во однос на евроинтеграциите“.
Ова го истакнаа од Централниот одбор на ЛДП од каде ја овластија претседателката, Моника Зајкова да ги води преговорите за идно коалицирање.
„Континуирано дејствуваме во насока на брза интеграција на Македонија во ЕУ. Секојдневно ја потврдуваме нашата заложба во тој правец, па и оваа одлука, за приклучување кон коалиција со која имаме слични програмски определби и единствена цел брза европска интеграција , е донесена врз основа на идеалите кои ги негуваме. Нашата мисија е исклучиво во правец на работење за доброто на граѓаните и токму поради тоа ја очекуваме нивната поддршка на претстојните избори“ – изјави Зајкова.
ЛДП ќе даде поддршка за формирање на техничка влада, која ќе ја гласаат и во која ќе учествуваат припадници на опозицијата, велат од партијата.
„Апелираме да се почитуваат законските прописи и веднаш да се избере член на Државната изборна комисија (ДИК), со цел да не создаде ниту една причина која би можела да остави дамка врз изборниот процес“, истакнаа од ЦО на ЛДП.