Колку животи треба да изгубиме, па некој да се сети дека на битолската Клиничка болница и се потребни реагенси и материјали за работа, а не само празни реклами? Ќе понесе ли некој одговорност, затоа што нечии џебови се преполнија во овој период на сметка на пациентите од целиот регион? Овие неколку прашања на адреса на министерот за здравство Никола Тодоров ги упатија од опозициската ЛДП.
Според Горан Милевски, потпретседател на ЛДП, првиот човек во здравството треба да се самоказни за хаосот и финансиските штети што им ги предизвикал на граѓаните, како резултат на неговото лошо менаџирање со здравствените проблеми.
– Веќе неколку месеци во болницата, која е и регионален центар, нема реагенси за испитување на хормонот кој ја регулира тироидната жлезда. На пациентите не може да им се даде соодветна терапија, а секое одложување на терапијата може да биде кобно по нивното здравје. За сметка на тоа, приватните лаборатории, не по своја вина, користат најмногу од оваа ситуција и пациентите наместо 40 денари, колку што таа услуга чинеше во Клиничката болница, плаќаат многу повисоки суми. Жалосно е што ваквата состојба, велат, ќе трае најмалку до крајот на февруари наредната година – тврди Милевски.
Тој прашува зошто функционира „Мој термин“ кога одделението не може да одговори на барањата на пациентите?
– На кој му одговара ваквата состојба и кој ја поттикнува? Додека ова се случува, началникот на одделението, заедно со својата сопруга исто така лекар, бил на обука во странство. Прашуваме зошто ли се неопходни обуки кога луѓето нема со што да работат? Ова не е единствен проблем во Клиничката болница – нагласи Милевски.