Скопје во петокот наликуваше на Бејрут, ден по пресудата за случајот „Монструм“. Шок бомби и водени топови, каменување, повредени, приведени, крвави сцени, искршени стакла, превртени контејнери. Оваа слика, за жал, премиерот не ја виде. Веќе стана пракса, за секој инцидент, за секоја афера, вест за поскапувања, лоши оценки од меѓународната јавност, нашиот премиер дознава на едно од своите роуд шоуа.
Ова е дел од реакцијата на ЛДП по насилните протести за пресудата за случајот „Монструм“.
„Премиерот не беше тука ниту кога беа убиени петте лица на Смиљковското езеро кога се појави четири дена подоцна за да изрази жалење. Иронично, не е тука ни сега, кога се донесе пресудата. Премиерот е далеку од Македонија, секогаш кога е потребно да биде во државата. Истовремено, го нема ни „таткото на нацијата“. Каде е Иванов по инаугурацијата? Нашиот претседател, не сакајќи да си ја наруши удобноста од претседателската функција, учествува на разни пивтијади и калинкијади, држи пригодни напишани говори, или пак се појавува на по некој концерт“, стои во соопштението на ЛДП.
ЛДП го прашува премиерот: Има ли Владата воопшто концепт како да се справи со оваа ситуација? Дали и ова е за вас една вообичаена немила сцена која нема да предизвика меѓуетнички тензии, туку ќе биде само епизода која„помага“ граѓаните да ја заборават сиромаштијата во која сме длабоко забраздени? Видете ги сликите од Македонија деновиве, додека шетате под сенките на бонсаи дрвјата во спокојната Јапонија и кажете ни дали било кој инвеститор ќе сака и еден долар да вложи во земја во која младите место на работното место се на улиците и се пресметуваат со камења?
„Премиере и претседателе, охрабрете се и појавете се. Охрабрете го народот да ги смири тензиите кои некој ги потхранува. Кажувањето на вистината, верувајте, е единствен начин да се почне, конечно со решавање на напластените проблеми“, се вели во соопштението.
Во спротивно, ЛДП предупредува на можно ново нарушување на меѓуетничките односи, кое може да има несогледливи последици.