Лажотека: Јас сум најдобар!

by Фокус

Поразително е што во изминатите триесетина години, ниту граѓаните, ниту политичките партии, а најмалку „лидерите“ успеаја да извлечат некои поуки и, согласно со нив, да го менуваат своето политичко однесување. Напротив, до ден денешен, пристапот кон изборниот процес, личноста на кандидатите и перцепцијата на граѓаните им е ист и фиксиран. Во Македонија, времето како да застанало.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Од секогаш сум го мразел времето на избори! Не поради самите избори, туку поради сите овие политички, ловечки и партиски гнасотии, лаги, самофалби, ветувања и пресметани политички измами со кои се „бомбардираат“ граѓаните во времето на предизборието.

Затоа човечки и професионално сум и сѐ уште сметам дека изборите, покрај нивната основна функција на избор на носителите на власта, не се ништо друго отколку кумулирана политичка енергија насочена кон безобразно, дрско и целно депонирање на целокупното политичко ѓубре, меѓучовечка завист и интереси на поединци и групи во едно општество.

Ако сакате да ја сознаете моралната, културолошката и духовната карактеристика на едно општество, социјална група или поединец, нема потреба да истражувате многу. Доволно е да ги анализирате неговите политички настапи, говори и однесувања токму во време на избори.

Тие за него ќе кажат многу повеќе отколку самите политички програми со кои редовно мавта пред граѓаните. Изборите се концентриран израз на (не)моралната страна на политиката и политичарите.

КОМУ ДА СЕ ВЕРУВА!?

Потребна е духовна сила, психолошка сигурност и стабилност, статусно и интересна неутралност, за, како поединец, да им се спротивставите на сите суптилно промислени и одбрани бранови и фреквенции со кои политичките партии и претендентите за носители на „јавни функции“ се обидуваат да го поткупат и инструментализираат вашето човечко достоинство, самопочит и граѓански статус на слободен човек.

Јасно е дека „лидерите“ на политичките партии и кандидатите за претседател и пратеник, сега во предизборието ќе ви се додворуваат и ќе го зборуваат она што го сметаат дека ќе го привлече вашето внимание и личен економски, статусен и општествен интерес.

Но, бидете свесни дека сето она што ќе го кажат во време на изборна кампања, важи само до денот на изборите. Веќе следниот ден ништо не е исто и не се разочарувајте од фактот дека никој веќе не се држи до ветувањата што ги дал пред изборите.

Во првиот момент кога ќе бидат познати изборните резултати почнува „новиот“ начин на размислување и однесување како на тие што ќе победат така и на тие што ќе ги изгубат изборите.

Тоа најочигледно ќе се согледа во почнувањето на процесот на трговија на големо и мало со изборните резултати и калкулантските игри околу формирање влада.

НАЈДОБРИТЕ ВЕЌЕ БЕА ИЗБРАНИ!?

Политичката мимикрија ги изненадува само оние што веруваат во политиката и политичарите! Ама здравиот разум, како и политичката историја, вели дека никому не треба да му се верува!

Стара е поговорката дека кога станува збор за власт и пари, довербата, честа и ветувањата се непозната категорија.

Поразително е што во изминатите триесетина години, ниту граѓаните, ниту политичките партии, а најмалку „лидерите“ успеаја да извлечат некои поуки и, согласно со нив, да го менуваат своето политичко однесување.

Напротив, до ден денешен, пристапот кон изборниот процес, личноста на кандидатите и перцепцијата на граѓаните им е ист и фиксиран. Во Македонија, времето како да застанало.

А тоа е многукратно променето, да не кажам драстично различно од пред само година-две. Затоа, наместо да се зборува за умешноста и способноста на кандидатите да се справат со предизвиците на иднината (кои, се знае, нема да бидат мали и наивни), сѐ уште се зборува за минатото, за недефинирани и неопределиви ветувања, парични средства и изворите за нивно обезбедување итн.

Се заборава само едно! Па, нели, на минатите избори ги избравме „најдобрите“. Зошто сега се повторува истата грешка.

Поврзани новости