Изминативе денови непознато лице лажно се претставувало дека работи во Управата за јавни приходи како одговорно лице за наплата на долгови и барало пари од даночни обврзници со цел да го намали долгот што го ималe спрема Управата, информираат од УЈП.
Од таму соопштуваат дека оваа информација ја добиле денеска, па согласно Кривичниот законик веднаш ја пријавиле случката во Министерството за внатрешни работи во ОВР Кавадарци.
„УЈП известува дека задолженијата што даночните обврзници ги имаат (согласно даночните решенија и пријави) и уплатите, преку носителите на платен промет и трезорскиот систем се книжат автоматски. Само со плаќање на даночниот долг преку носителите на платен промет и трезорскиот систем може да престане обврската на даночниот должник“, се вели во соопштението од УЈП, апелирајќи граѓаните да бидат вниматели и да не потпаѓаат под вакви дејствија на поединци.