Лажните величини, во улога на „внатрешни администратори“, имаат одврзани раце да прават буквално сѐ на „патот без алтернатива“. Креираат автоимиџ на алфа мажјаци со проевропско педигре, дури некои веруваат и „влегуваат во филм“ дека се кандидати за Нобелова награда
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Дојдовме до работ на амбисот и храбро зачекоривме напред! Оваа нихилистичка алузија е малку познат лапсус на Јосип Броз Тито, несвесно изречен во почетокот на 1970-тите, за тогашната политичко-безбедносна состојба во сојузната држава.
Но, остана непобитната вистина дека по нејзината дисолуција, „новите демократи“ создадоа „голи држави“ во т.н. субрегион Западен Балкан.
Како дел од нив, Македонија стана, не само најнесреќна, туку и најкорумпирана, најбедна и земја со многу лажни величини. Ликови со ендемски симптом и дијагноза на огромна негативна енергија, која, кога би се трансформирала во позитивна, не би имало потреба од електроцентрали.
ФАЛШИВ, АМА УПОРЕН
Паралелно со Законот за национална класификација на дејностите, се накотија лажни величини од политичари, функционери, тајкуни, ербапи, мафиози, фолиранти, продавачи на магла, шиткачи на дипломи, антиквари, невладини организации, научници, интелектуалци, консултанти, посредници и приватни извршители.
Класификацијата се надгради и прошири со обложувалници, продавници за пари, заложни куќи, финансиски друштва, естрадни sвезди, инфлуенсери, квазиавторитети, урбани фаци, истражувачки новинари, патриоти, трансексуалци, ескорт дами, исцелители, партиски војници и клиенти и останатиот полусвет.
Заеднички именител за ваквата галерија од лажни величини е асоцијацијата на лажниот црногорски цар од пред два и пол века, Шќепан Мали, кој себеси се замислил и се претставувал како убиениот руски цар Петар Трети Романов.
До денес, не се знае кој е и од каде бил, но, иако без никакво државничко искуство, во текот на шесте години од неговото владеење, направил многу за развојот на Црна Гора, меѓу другото, создал институции.
Во оваа историска поема, Његош иронично го опишува односот меѓу народот и властодршците, како и конфузијата кај турските и руските власти, предизвикана од појавата на „реинкарнираниот“ Шќепан Мали. По неговата смрт, во Црна Гора повторно завладеал хаос, а сѐ што со него се постигнало во развојот на државата било разнебитено и заборавено.
Исто како процесот во Македонија од 1944 година со АСНОМ, сѐ што се создаваше, до денес перманентно се урива.
Тоа е сосема разбирливо, бидејќи која било величина, за лажна дума да не стане ниту збор, кога ќе се помножи со нула, дава резултат нула. Најголемата казна е да се биде фалшив и тап, ама упорен! Умниот секогаш се мотивира да заврши колку-толку саглам работа. Простиот е непобедлив. Од опинок мокасина не станува.
„НАШ КУЧКИН СИН“
Своевремено, Ленин тврдел дека целта на болшевиците била секоја готвачка да може да ја управува државата. Македонија три децении доследно го прави тоа.
Сите досегашни македонски „државотворци“, од Глигоров, Трајковски, Црвенковски, преку Георгиевски, Бучковски и Груевски, па до Заев и Ковачевски, докажаа дека се неспособни и недораснати за носење храбри одлуки од државен и национален интерес. Со блажено незнаење, лажна самодоверба и отворено предавство, предизвикаа трајни последици за македонската држава и народ.
„Евроатлантската заедница“, еуфемистички наречена „меѓународна“, селектира и врбува „дил ориентид“ ликови, по претходно проучување на нивниот психопрофил според принципот „Тој можеби е кучкин син, но е наш кучкин син“.
Знаејќи дека егото е најмоќната полуга за влијание врз нив, им „удираат четки“ на инсталираните измеќари, не заборавајќи при тоа од што човечки материјал се и со кого си имаат работа.
Лажните величини, во улога на „внатрешни администратори“, имаат одврзани раце да прават буквално сѐ на „патот без алтернатива“. Креираат автоимиџ на алфа мажјаци со проевропско педигре, дури некои веруваат и „влегуваат во филм“ дека се кандидати за Нобелова награда.
Кукловодите не сакаат да се изложуваат на излишни трошоци, па аминуваат самофинансирање со коруптивни зделки и бескрупулозно цицање од домашниот буџет.
Со незапирливи атлантистички амбиции и мотиви, алчните „внатрешни администратори“ го прекрстија името на државата во „Северна“, го обезличија „бетонираниот“ идентитет на три коси црти, а во тек се ревидирањето на „заедничката историја“ и „чистиот јазик без фусноти, sвездички и додавки“.
Конечното нулирање на македонизмот треба да се реализира со внесување на Бугарашите во Преамбулата на Уставот како конститутивен народ. Перфидна и лицемерна евроатлантистичка агенда за европеизација на „Нашата земја“ преку бугаризација!
Македонија е корпоративна територија со трговските друштва СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и борд директорите Ковачевски, Ахмети и Мицкоски, како парадигма на дијагноза за лажни величини!