Лажни биле дојавите за бомби во Кавадарци

by fokus

Дојавите за поставени експлозивни направи кои утринава пристигнале на електронските адреси на шест училишта во Кавадарци биле лажни, информира МВР.
Стануваше збор за три основни и три средни училишта во општината, кои беа евакуирани. Исто така, беше евакуирана и градинка во Марена, која се наоѓа во непосредна близина на училиштето.

-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Кавадарци дека на електронските адреси на училиштата била испратена закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и по извршени проверки утврдено е дека станува збор за лажни пријави – соопшти МВР.

Истовремено, од МВР информираа дека е поднесена кривична пријава против малолетник од Скопје, кој инспириран од претходните дојави за бомби во повеќе скопски училишта, на 4-ти ноември напишал и испратил заканувачка порака до неколку скопски средни училишта.

Кој стои зад останатите дојави за бомби, кои започнаа кон крајот на октомври, се уште не е откриено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости