Независноста на судиите и обвинителите може да се изборат и да ја сочуваат само самите тие и никој друг. Прашање е дали тие навистина го сакаат тоа и дали се подготвени да судат и обвинуваат според законите, а не според политичките и личните нарачки
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
САД никако да ја погодат сржта на проблемот со „независноста“ на македонското правосудство! Секако, апсолутно се во право кога од политичките и партиските „лидери“ бараат да не се мешаат во работата на судиите и обвинителите.
Но, не знам дали знаат и разбираат дека едно такво барање, во наши услови, е крајно нехумано и, во најмала рака, невозможно! Да се потсетиме дека Македонија е мала земја па социјалните и семејните врски се изразито присутни. За клановските и партиските врски да не и спомнуваме!
Во пракса тоа би значело дека Претседателот на Собранието, Талат Џафери не би требало да комуницира, да го поканува и да седи на гости со својот син обвинител.
Во уште полоша состојба е градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ДПМНЕ, Тимчо Муцински, кој согласно таквото барање, би требало да се разведе од својата сопруга.
Не се многу за пофалба ниту дузина останати судии и обвинители кои својата професионална кариера треба да им ја заблагодарат на политичките партии и нивните „лидери“.
СИМБИОЗА
Сеж на се, ова за кое се залагаат нашите драги стратешки партнери и пријатели, САД, е јалова работа. Судството и обвинителството во Република (Северна) Македонија се толку партизирани и приватизирани што немешањето на политиката во правосудството е просто невозможно.
Во пракса постои нераскинлива симбиоза помеѓу раководствата на политичките партии (особено на ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ) и правосудната власт како во Судскиот така и во Советот на јавни обвинители.
Овие партии со години водеа таква кадровска политика која им овозможи, и се уште им овозможува, целосна контрола врз кадровската политика во судството и обвинителството. Ова до толку што самите судии и обвинители се покажаа како крајно податливи (од свои кариеристички и материјално финансиски побуди – за влијанието на политичарите.
Кадровската профилираност на судиите и обвинителите има таква структура што не дава можност било кој од „избраните“ судии и обвинители да дојде на функција без „амин“ на оваа или онаа партија . Тоа не мора и не значи дека тоа влијание се пројавува во изразито непосредна форма.
Затоа главните борби се водат околу изборот и кадровската профилираност на Судскиот и Обвинителскиот совет, кои, подоцна „врз“ основа на покажаните резултати“ го вршат изборот на судиите и обвинителите.
Впрочем, изборот на актуелниот шеф на Основното обвинителство за ГОКК е школски илустративен пример за тоа.
Затоа и судиите и обвинителите не чувствуваат одговорност пред законите и граѓаните, туку пред партиите и нивните „лидери“.
Но, тоа не е се! Со оглед дека одржувањето на криминалот и корупцијата во правосудството е во интерес и на извршната и на правосудната власт, судиите и обвинителите дополнително формираа свои судско-обвинителски кланови како внатрешна структура во самото судство и обвинителство, кои работат за своја сметка и за свој статус во самиот систем.
Сето ова укажува дека станува збор за темелна и намерна симбиоза помеѓу извршната, судската и внатре правосудната власт, чие сврзно ткиво се токму криминалот и корупцијата. Тоа е граблива аждаја со девет глави која нема така лесно да се „предаде“ без борба. Тоа треба подеднакво да го имаат на ум како граѓаните, така и нашите надворешни партнери како што се САД.
ДОЦНА Е!
Токму затоа во актуелниот општествен и политички момент воопшто не е прашање дали „политичарите“ ќе се мешаат во работата на судиите и обвинителите. Може да се врши политичко влијание во правец на таквата цел, но, за волја на вистината, никој не може да им забрани на едните да се видуваат и да се дружат со другите и домашни и кафеански седенки, свадби, имендени, излети, одмори…
Тоа во старт е невозможна мисија! Суштината на прашањето не е дали има персонална поврзаност помеѓу носителите на законодавната и извршната власт од една и судиите и обвинителите од друга страна. Она што недостасува е одговорноста и казнивоста за секој оној судија или обвинител, кој, волно или неволно, ќе се доведе самиот себе си во таква улога.
Независноста на судиите и обвинителите може да се изборат и да ја сочуваат само самите тие и никој друг. Прашање е дали тие навистина го сакаат тоа и дали се подготвени да судат и обвинуваат според законите, а не според политичките и личните нарачки.
Или, пак, кај поголемиот дел од судиите и обвинителите преовладува алчноста за пари и кариера без мака. Актуелниот персонален состав на судии и обвинители покажа дека е токму така. Како поинаку да се протолкува апсолутниот континуиран молк како на судиите така и на обвинителите (со исклучок на обвинителката Ленче Ристоска), на сето она што се случува околу и со самите нив.
За каков општествен углед, професионален статус и морал на судии и обвинители може да се зборува кога тие не покажаа знаци на совест и живот во услови кога над 97% од граѓаните јавно изразуваат недоверба во нивната работа!?
Тоа доволно јасно укажува дека ниту судството, ниту обвинителството имаа кадровски потенцијал и морална доблест самите да се „реформираат“, да се откажат од криминалот и корупцијата во сопствените редови и се изборат за својата професионална доблест и независност!?
БОРБА ЗА ПОБЕДА
Ако САД навистина сакаат и имаат политички интерес да им помогнат на граѓаните на РСМ во борбата за воспоставување на владеење на правото и законитост во работењето на судиите и обвинителите тогаш, веднаш без одлагање, треба јавно и гласно да ги соопштат имињата на актуелни и поранешни судии и обвинители за кои имаат докази за вмешаност во криминал и корупција.
Во спротивно, ако немаат, редно е да побараат од граѓаните на „оваа земја“ тоа да го сторат со нивна помош. Трето нема.
Вака на граѓаните им даваат само лажна надеж дека борбата со криминалот и корупцијата било во извршната, било во судско-обвинителската власт ќе има некаква позитивна разрешница.
А лажната надеж е полоша и од безнадежноста! Особено што ние Македонците имаме негативно историско искуство на тој план.
Безнадежноста е добра политичка и психолошка основа за создавање на анархизмот и тероризмот. Еден поглед наназад, во не така дамнешното минато, ќе не доведе до Солунските атентатори и Владо Черноземски. А историјата, нели, е учителка на животот!