Вонредна вест – Никола Груевски хоспитализиран откако дознава дека веќе сме се сложиле да го смениме името – е веста која што во тек на вчерашниот ден масовно се споделуваше на социјалните мрежи и предизвика загриженост кај следбениците на поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ.
Истата е објавена на страницата Medium.com, интернет платформа на која за пет долари секој може да си направи свој профил и да објавува свои приказни. Во веста со бомбастичен наслов, посветена на Груевски, покрај останатото, наведено е дека тој дознал како премиерот Заев договорил промена на името во Северна Република Македонија, и како по тешкиот ден поминат во судниците, веста му дошла како ,,капак’’ по што се онесвестил.
-Како што сме информирани, ситуацијата е стабилна и се надеваме дека нема ништо посериозно да му се случи на ЕДИНСТВЕНИОТ човек кој се уште ја сака МАКЕДОНИЈА. Споделете ја оваа вест за нашиот патриот и спасител да знае дека сме со него во овие тешки мигови за нас и за Македонија – објавено е на Medium.com, а како автор на истата е наведен Kurir.mk.
Останатите вести кои се објавуваат на страницата се најчесто на англиски јазик, потпишани од авторите со име и презиме, а објавена е и нивна фотографија. И покрај тоа што станува збор за сомнителна и непотврдена приказна, сепак, објавата била доволна причина да ги вознемири следбениците на Груевски. Желби за здравје, сила, враќање во форма, но и повикување кон Господ и светците на помош се дел од реакциите кои неговите поддржувачи ги споделија на социјалните мрежи.
Вики Клинчарова