Треба претпазливост во толкувањето на пораките што доаѓаат во пресрет на декемврискиот Совет на ЕУ, анализира за Фокус, Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики по оптимистичките изјави и најави дека во декември Бугарија ќе го тргне ветото и Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите со Европската унија.
Ваквите пораки почнаа да стигнуваат по локалните избори кога премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев најави дека ќе си поднесе оставка.
Пред седницата на која требаше да се гласа за недоверба на Владата во посета дојде холандскиот премиер, Марк Руте кој рече дека е претпазлив оптимист за можноста во декември Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори за членство со ЕУ.
Притоа, Руте им порача на граѓаните дека ЕУ не го остава прашањето со Бугарија да виси, туку колективно имаат многу разговори со владата во Софија и се надеваат дека по тамошните избори во недела ќе има придвижување напред.
Потоа албанските медиуми објавија дека францускиот претседател Емануел Макрон им испратил писмо на амбасадорите во членките во ЕУ со барање интензивно да работат на тоа Скопје и Софија да го решат спорот до 14 декември, а Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со Брисел до 31 декември.
Уште една порака во оваа насока испрати и поранешниот премиер, Бојко Борисов чија партија води на анкетите за изборите што ќе се одржат утре во Бугарија. Тој рече дека ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите поради политиката на претседателот Румен Радев.
Ристевска – Јорданова вели дека изјавите на Борисов се дадени сѐ уште во предизборен контекст, иако можат да значат и подготовка на теренот за можно „попуштање“ на Бугарија од тврдите услови што ги постави за Македонија.
-Второ, точно е дека притисокот од страна на другите држави членки на ЕУ е зголемен. За ова секако придонесе и свесноста за зголемениот ризик од внатрешната политичка нестабилност кај нас, на која, пак влијаеше во голема мера и неисполнувањето на ветувањето од ЕУ за почеток од преговорите.
Трето, во моментов не се говори за можните концесии на кои Македонија би требала да биде подготвена. Добра вест би била првата меѓувладина конференција да се одржи без услови и доколку другите држави членки на ЕУ употребат моќ на убедување која ќе го „сосече“ таквото условување во текот на преговорите. Меѓутоа, не треба да се биде преголем оптимист во однос на ваквата опција, анализира таа.
Претседателот на македонско-бугарската комисија Драги Ѓоргиев за Фокус вели дека нема никаков рок за напредокот на комисијата за одблокирање на преговорите со Бугарија и дека нивните разговори немаат никаква поврзанос со декемврискиот совет.
– Но, секако разговорите продолжуваат, вели Ѓоргиев, кој тврди дека нема никакви притисоци врз Комисијата.
Членот од Комисијата, Ванчо Ѓорѓиев кој обвини дека функционер од МНР му се заканувал и дека имал притисоци, останува на досега кажаното за судирот меѓу него и МНР, кое не ја дочека оставката на Ѓорѓиев, туку му даде отказ, да не се претвори во сапуница.
Денеска по трет пат се одржуваат парламентарни и претседателски избори во Бугарија и претседателот Стево Пендаровски е помалку оптимист и очекува дека блокадата ќе остане, особено што смета дека до 14 декември, кога е состанокот на шефовите на државите на ЕУ, во Бугарија нема да се состави политичка влада, што е услов да се тргне ветото.
-Блокадата од Бугарија е тука. Сега има претседателски и парламентарни избори и според роковите во бугарскиот Устав до 14 декември сигурно ќе нема влада, а големо прашање ќе биде дали ќе има и парламент, изјави Пендаровски.
Токму сигналите кои од САД и ЕУ ги добил одметнатиот пратеник од опозициското мнозинство, Кастриот Реџепи, дека земјава во декември ќе добие датум за преговори, беше причина да не се појави во Собрание.
Ф.Ф.С.