Лажна е веста дека по предлог на партијата на Петков бугарскиот парламент ќе гласа декларација за Илинден

by Fokus

Повеќе македонски медиумии и политички партии вчера и денеска пренесуваат информација дека наредните денови во бугарскиот парламент ќе се гласа Декларација за Илинденското-Преображенско востание предложена од пратеничката група на Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков.

Оваа информација е неточна, односно станува збор за лажна вест, дезинформација.

„360 степени“ ја следеше и информираше за последната седница на бугарскиот парламент која се одржа пред три дена, на 20 јули.

Според деловникот на бугарското собрание, секоја пратеничка група, пред формалниот почеток на седницата има можност, односно има право, во рамки на својот политички интерес, да даде усна изјава (декларација) во траење од неколку минути.

Тоа во превод на македонски јазик значи да изнесат став, да се обратат пред колегите со свои видувања за одреден настан, за одредена тема или случување. Не се работи за декларација како писмен документ, како акт за кој се гласа, туку за изјава, обраќање на еден пратеник или парламентарна група, без никакви консеквенци, освен за политички профит на тие што ја даваат.

Често пати, таа востановена практика се користи за коментирање на активностите на опонентите, но неретко, во денови кога се чествуваат празници или се одбележуваат значајни имиња од историјата, се даваат „декларации“ со пригодна нота.

Поврзани новости