Лажен Кличко разговарал со европски градоначалници

by Фокус

Градоначалниците на Берлин, Виена и Мадрид разговарале во видео повик со личност која звучела и изгледала како градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но биле измамени.

Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј во петокот учествуваше во закажаниот разговор на платформата за видео конференции Webex со личност за која рече дека изгледала и звучела како Кличко.

-Немаше знаци дека видеоповикот не бил одржан со вистинска личност – се вели во соопштението од нејзината канцеларија.

Дури по околу 15 минути, наводниот градоначалник на Киев почнал да зборува за проблемот со украинските бегалци.

Лицето на видеото, кое се претставувало како Кличко, ги повикало бегалците да се вратат во Украина и да се приклучат на војската.

По таа изјава, на градоначалничката на Берлин и станало сомнително.

Откако врската накратко била прекината, кабинетот на градоначалничката на Берлин контактирал со украинскиот амбасадор во Германија.

Тој стапил во контакт со Киев и потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, објави Der Spiegel.

Deep fake снимките користат форма на вештачка интелигенција која создава слики од лажни настани или анимации на политичари кои држат лажни говори.

-За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и Интернетот, со цел да се поткопа довербата со дигитални средства и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина – рече Гифеј.

Ист видео повик имаа и градоначалниците на Виена и Мадрид.

Кличко побра истрага за случајот.

-Ова е криминал. Итно мора да се истражи кој стои зад тоа – изјави Кличко.

Поврзани новости