Судијата од Македонија во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска во интервју за Дојче Веле зборува за обидот да се избере специјален обвинител и како тој ќе може независно да функционира. Таа зборува како е тоа можно и како треба да се користат пресудите од Стразбур. Пренесуваме дел од одговорите на Лазарова Трајковска.
ДВ: Дали со споменатата судска одлука му се врзуваат рацете на идниот специјален обвинител, односно се сугерира дека ќе биде беспредметна неговата истрага околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите?
-Прифаќањето на специјалниот јавен обвинител кој ќе работи не со врзани туку со одврзани раце, транспарентно и темелно, не смее да се доведува во прашање. Политичките договори не се најпогодна форма за реформа на институциите, но во овој случај, поради едно процесно дејствие не треба да се напушти конструктивната и важна идеја. Политичкиот договор недвосмисленo предвидува востановување на специјален јавен обвинител со целосна автономија во водењето на истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Во моментот кога е тоа договорено, не значи автоматски да престанат сите активности на постојните судски инстанци надлежни за некои од случаите. Сосема очекувано е ако веќе преземаат одредени процесни дејствија во интервалот додека се востанови специјалниот обвинител, тоа да го прават според повисоки стандарди од оние кои биле практикувани претходно, а кои довеле до толкава, потврдена недоверба во судски и јавно-обвинителски инстанци. Нема да се впуштам во коментари по конкретниот случај кој е во постапка, бидејќи може да заврши пред Судот во Стразбур. Но, мора да се има на ум дека за подигање на стандардите и во врска со ваквите случаи во постапките пред националните судови, важно е правилно да се користи практиката на Судот во Стразбур. Во ‘Halford против Обединетото Кралство’, Судот нагласи дека кога се наметнува обврска да се почитуват националните закони мора да се води силна грижа за усогласеност со принципот на владеење на правото. Владеењето на правото подразбира, меѓу другото, дека мешањето на извршната власт во правата на поединецот треба да биде предмет на ефикасен надзор и за тоа многу поширока е елаборацијата во ‘Klass и останатите против Германија’, (случај во кој државата инсталирала тајно надгледување без знаење на лица). Во контекст на следењето на комуникациите, во ‘Peck против Обединетото Кралство’, и ‘P.G. и J.H. против Обединетото Кралство’, Судот го анализира принципот на пропорционалност и корелацијата на јавниот со приватниот интерес. Широка е и богата судската практика во зависност од прашањето кое се покренува.
ДВ: Какво законско уредување наметнува предвидената „целосна автономија“ на идниот специјален обвинител?
– Определбата за додавката ‘специјален’ јавен обвинител укажува дека договарачите имале на ум нова форма на делување со силно потенцирање на јавно-обвинителска надлежност. Вклучувањето на специјален независен истражител во постапки поврзани со високи државни службеници, со судии од високи судови, па дури и во постапки во кои бил вклучен и јавен обвинител, не се новина. Тој/таа најчесто е ангажиран привремено на случај или случаи, односно од случај до случај при што истражува наместо јавниот обвинител, а во зависност од мандатот постапката може да ја води до крај и пред надлежни судови. Причината за вакви ангажмани од одредено времетраење или само за еден конкретен случај (на пример Watergate во САД) е во политичката поврзаност на учесниците во одреден процес со институции кои во нормални околности би требало да ја водат истрагата или пак постоењето на конфликт на интереси. Не секогаш се користи терминот ‘специјален јавен обвинител’ и изборот на терминот зависи од мандатот кој ќе му се определи на независниот истражител. Мандатот на истражителот може да биде и во тоа да ја утврди фактичката состојба и за тоа да реферира пред одредено тело (Конгрес, Парламентарно собрание, Сенат) а понатамошните постапки да ги преземе друго тело (политичко, судско, обвинителство) но тогаш се работи за мандат на независен советник. Во нашиот случај јасно е потенцирана јавно обвинителската функција. Целосната автономија на специјалниот јавен обвинител налага стабилна, со закон гарантирана позиција на финансиски, но и кадровски независен истражител, кој таквата позиција ќе ја црпи од природата на мандатот. Ако политичкиот договор е резултат на политички дијалог и постигнат компромис, време е партиите да ги вклучат најдобрите домашни експерти тие да ги предложат најдобрите решенија за правно што побрзо да заживее специјалниот oбвинител. Политичката елита треба да ја преточи силната политичка волја во практични решенија.
ДВ: Дали гаранцијата за таа автономија ќе биде максимална, ако институцијата се уреди со специјален закон, кој ќе го оправда и нејзиниот ад-хок карактер, и вонредните овластувања, и посебниот буџет, и кадровскиот тим, но и отсуството на каква било хиерархиска контрола и надлежност врз специјалниот обвинител?
– Независно која форма ќе се прифати, посебен закон или измени и дополнувања на закон, тие промени мора јасно да го дефинират мандатот, гаранциите на овој посебен независен орган, надлежностите, опременоста, екипираноста. Определбата за ‘специјален обвинител’ силно ја потенцира неговата улога на независен истражител со посебна задача и мандат, кој треба јасно да се определи. Вонредно високите овластувања мора да се оправдаaт со квалитетно сработена работа, а за тоа треба да се создадат услови.
ДВ: Но, постојат стравувања дека ако позицијата на специјалниот обвинител се уреди со измена на законот, тоа може да се сведе на специјализирано одделение во обвинителството и да влезе под тој буџет. Можна ли е автономија без целосна финансиска самостојност?
-Измените на постојниот закон не смеат да водат кон ставање на специјалниот обвинител ‘под капа’ на јавниот обвинител. Напротив, ако требало специјалниот обвинител да биде дел од јавното обвинителство, не требало и посебно да се договара, бидејќи и без овој политички договор, во законот постои можност да се формираат одделенија како внатрешни организациски единици на јавното обвинителство. Но, законски утврдените причини за формирање на специјализирани одделенија не се причините поради кои се воведува оваа нова институција. Ако причината е силно изразена недоверба во јавниот обвнинител, а Јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, тогаш финансиската, техничката и оперативната, па дури и просторната осамостоеност на специјалниот обвинител со еднонасочен и времен мандат, е важен предуслов за успешно завршување на неговата работа. Специјалниот мандат налага и специјални решенија во однос на буџетската самостојност.