Кирил Лазаров – селекторот на македонската ракометна репрезентација вечерва на МТВ рече дека според него, со победата над Швајцарија, остварена е целта која ја зацртал пред првенството во Германија. Иако, како што рече, потајно се надевал на чуда во првите две кола, сепак шансата била во третиот меч, и таа е искористена.
„Ние одевме на победа и против Франција и Германија, но не беше реално да се случи изненадување. Играш колку што ќе ти дозволат. Французите се преквалитетни, олимписки прваци, а Германија е домаќин кој многу вложи. На тие два меча повеќе ротиравме за да се задржи свежината за третиот меч. Знаевме дека шансата ни е Швајцарија која воопшто не е слаб тим. Не ги посакувам нив да ни паднат во баражот за СП“ – рече Лазаров.
Во 2012 година Македонија беше петта на ЕП во Белград, а Лазаров објасни зошто тогаш толку високо бевме пласирани на континенталниот шампионат.
„Костурот во националниот тим тогаш ни беа играчи од Металург, играчи кои беа квалитет и секој ден беа тренирани од еден Лино Червар. Сега треба да признаеме дека немаме такво нешто. Мора во домашните клубови повеќе да се работи на развој на домашните играчи. Успехот и неуспехот на репрезентацијата се успех и неуспех и на клубовите“, смета Лазаров.