Кирил Лазаров уште еднаш покажа дека е ракометен шампион од Македонија и на 42 години одигра цел натпревар за националниот тим на гостувањето кај Романија. И покрај поразот од два гола (24-22), нашите ракометари одат во следната фаза во баражот за СП 2023 каде чека двомеч со Чешка.
По натпреварот селекторот и капитен направи анализа и истакна дека одбраната која Чави Пасквал ја поставил на мечот, а која тој добро ја познава, направила голем проблем за Македонија на гостувањето во Букурешт. Но, за среќа, на крајот се беше како што се посакуваше.
-Дефанзивата која ја постави Пасквал ми беше позната од Барселона и се спремавме на таа специфична дефанзива. Многу е тешко да се направи напад на таа дефанзива. Веќе претходно за време на анализата на играчите им покажав видео, тој тип на игра тој ја користеше уште во полуфиналето на ЛШ со Хамбург кога ги стигна и ги победи, мислам дека беше 2013 година. Како и да е, голема работа е што се пласиравме понатаму, Романија е сериозна репрезентација со сериозен тренер кој знае што сака. Можеби јас сум преголем оптимист и нереален некогаш затоа што сакам да победиме, меѓутоа не бевме ние толку слаби колку што Романија беше дефанзивно добра. Бевме близу до секаков резултат, можевме и да победиме или да дојдеме до нершеено. Ама мора што побрзо да го заборавиме ова затоа што за три недели чека двомеч со Чешка, вели тој.
Лазаров додава дека овој натпревар го издржал во целост, играл 60 минути.
-Знам дека направив и некои грешки, ама 42-годишник да игра шеесет минути… Немавме таков тип на играчи или крила кои можеа да играат на таа позиција и да одговорат во моментов. Одигравме еден меч можеби не премногу убав за око, но моравме да играме така. Одредени момци се закочија од атмосферата, тежината на натпреварот, не беа полетни и растрчани. Меѓутоа за тоа ќе разговараме и ќе гледаме да го поправиме, додава Лазаров.
Вторите мундијалски баражи на програмата се меѓу 11 и 17 април. Првиот меч се игра во Чешка, вториот е во Скопје.