Демиркапискиот градоначалник Петров: Опасен психопат живее помеѓу нас, мора да биде откриен!

by fokus

Денес ги видов вознемирувачките фотографии, дознав за настанот кој се случил во нашата општина. И самата помисла дека некој кој го сторил ова дело живее помеѓу нас, во Демир Капија, е морничава – за ,,Фокус” раскажува Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија, за случајот со обесеното кученце кој ја вознемири јавноста.

Фотографиите од ѕверски убиеното мало животно ги направил жител на Демир Капија и ги доставил до здружението за заштита на животните ,,Шепасти ентузијасти”. Од таму информираат дека настанот ќе го пријават во МВР, а секој кој има било каква информација за случајот, да помогне во пронаоѓање на сторителот.

-Денес куче, утре човек, така оди тоа. Ова не смее да биде заборавено и игнорирано, ова е болест, јас не можам да ги најдам соодветните зборови, недозволиво злосторство… Какви луѓе шетаат помеѓу нас, кои се во состојба да направат нешто вакво?
Апелирам до надлежните служби да го решат случајот и сторителот да биде откриен што поскоро! Граѓаните кои имаат било каква информација, да ја споделат со надлежните органи. Јас како градоначалник, и општината сме на располагање во секое време, бидејќи ова е сериозно. Лично ќе го пријавам случајот во полиција, очигледно станува збор за психички болна личност која не смее да биде оставена така. Треба ли да чекаме ова и на човек да му се направи? – вели Петров.

Од објавените фотографии, се гледа станува збор за кученце старо неколку месеци. И во минатото во Скопје имаше слични настани за кои пишувавме, кога граѓани наидоа на стравични глетки со ѕверски измачувани и убиени кучиња, обесени на дрво и со расечена утроба.
И тогаш јавноста бурно реагираше и бараше да бидат откриени сторителите кои се огромна потенцијална закана и за луѓето, но ниту еден од случаите не доби разрешница.

Вики Клинчарова

Поврзани новости