Лазар Нанев сепак влегува во трка за член на Судски совет иако поднел нецелосна документација

by fokus

Претседателот на основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, сепак влегува во трка за член на Судскиот совет, иако поднел нецелосна документација.

Тој поднел приговор до Судскиот совет и со осум гласа „за“ да му се прифати приговорот, од десет присутни членови на Советот, тој сепак за ова место ќе се „бори“ со судијката од скопскиот граѓански суд, Антоанета Димовска.

„Против“ да се прифати неговиот приговор беше поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, а иако конкретно не се изјасни кон „против“ водеше и дискусијата на судијката Мери Радевска.

Според Радевска, ако некој донел Закон за тоа какви документи треба да поднесе кандидатот, тоа треба да се почитува. За Дамева пак нејасно е како Нанев точно знаел зошто не се нашол на листата, ако службено не треба да биде информиран.

На Нанев му недостасувала оригинал потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, која  ја доставил заедно со приговорот електронски бидејќи со задоцнување ја добил од Академијата, а нецелосни биле и податоците за неговото оценување и имало генерално наведено колкав стаж има, а немало прецизирано колку од него е како судија.

За другите членови пак немаше ништо спорно зашто ваква пракса веќе имало, а оценките и стажот ги имало во архивите на Судскиот совет.

Нанев го работеше извештајот за злоупотребите на АКМИС системот во скопските судови, за кој Судскиот совет се изјасни негативно, тој е претседател и на Комисија за дигитализација на судството и заедно со поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески и обвинителката Фатиме Фетаи со гратиси од ФФМ ја бодреа Македонија.

Кога беше избран за претседател на судот во Кавадарци, тогашниот состав на Судски совет му порача дека треба да биде судија, а не ТВ ѕвезда.

Димовска пак е долгогодишен судија во Граѓанскиот суд и се кандидираше и за Уставен судија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости