Руската паравоена група „Вагнер“ ќе продолжи да дејствува во Мали и Централноафриканската Република, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе АФП.
Тој додаде дека бунтот на групата во Русија во сабота нема да влијае на руските односи со нејзините сојузници.
„Членовите на ’Вагнер’ работат во Мали и Централноафриканската Република како инструктори. Таа работа, се разбира, ќе продолжи“, изјави Лавров за каналот РТ.
Рускиот министер рече дека тие две земји побарале помош од Русија и Вагнер за обука на воени инструктори, бидејќи „Европа и Франција ги напуштиле“.
Западот смета дека Вагнер е инструмент на влијание на Русија само во нејзините интереси во конкуренција со други интереси од Европа.
Таа вооружена група е обвинета за злоупотреби и за кражба на природните ресурси на Африка.
Лавров рече дека вооружениот бунт на лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин и неговите луѓе распоредени во Украина нема да промени ништо во односите на Русија со нејзините сојузници, дека односите со сојузниците и пријателите не се променети, додека односите на Русија со целиот Запад се веќе уништени.