Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека не смее да се дозволи Сирија да падне во рацете на „терористичка група“, додека бунтовниците предводени од исламистите напредуваат кон седиштето на претседателот Башар ал Асад.
Лавров ова го изјави откако денеска во Катар разговараше со сојузникот на Асад, Иран и поддржувачот на опозицијата Турција, а целта на разговорите беше да се спречи Сирија да заврши во хаос по исклучително брзиот напредок на бунтовниците во последните денови.
„Недозволиво е терористичка група да ја преземе контролата на територијата, а со тоа да се прекршат важни договори“, рече Лавров, осврнувајќи се на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година, во која, како што рече, „силно се нагласуваат суверенитетот и територијалниот интегритет „и единството на Сириската Арапска Република“.
Рускиот министер алудираше на Хајат Тарир ал Шам, исламистичката група која го предводеше нападот и е дел од сирискиот огранок на Ал Каеда. Ал Шам во последните години се обидува да го ублажи својот имиџ, но западните влади сè уште го држат на списокот на „терористички организации“.
Лавров и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи разговараа со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на маргините на Форумот во Доха, годишен состанок за политички дијалог. Арагчи рече дека тројцата министри се согласиле за потребата од започнување „политички дијалог меѓу сириската влада и легитимните опозициски групи“.
Од 2017 година, трите земји се партнери во таканаречениот процес во Астана, чија цел е да се стави крај на граѓанската војна што се води во Сирија од 2011 година.
И покрај постојаното насилство, договорот за прекин на огнот од 2020 година со посредство на Русија и Турција во голема мера го замрзна конфликтот неколку години, но беше уништен од ненадејната офанзива што ја започнаа бунтовниците на крајот на минатиот месец.
Москва и Техеран понудија воена поддршка за да им помогнат на силите на Асад да го спречат напредувањето на бунтовниците.