Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека преговорите со Украина би можеле да се одржат во Белград и дека покрај Истанбул, каде веќе е договорена средба, тие се подготвени да разгледаат и други локации за разговори, вклучително и Белград.
Лавров во интервју за српски медиуми одговори на прашањето дали според него Белград би бил совршено место за преговори за ставање крај на оваа војна.
– Белград со својот статус, како град целосно одговора за какви било преговори на сите нивоа, истакна Лавров.
Тој посочи дека местото на преговори треба да биде прифатливо за двата преговарачки тима.
– Имавме три директни разговори во Белорусија, потоа направивме пауза, бидејќи поради технички причини не можеше да се одржат директни преговори. Сега е постигнат договор за средба во Истанбул. Тоа ја задржува географската точка каде што се поклопија можностите на двете земји, нагласи шефот на руската дипломатија.